За кого ќе поскапи струјата: ЕСМ понуди за 16 отсто повисока цена на тендерот на ЕВН хоум

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека не очекува ценовен шок, како и дека доколку има поскапување тоа најверојатно ќе се однесува на оние кои што трошат најмногу


 

АД ЕСМ ѝ понуди на ЕВН Хоум купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегаватчас, за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 16 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас. Сепак, дали ќе има поскапување на струјата за крајните купувачи, ќе се знае по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, која се очекува во наредните десетина дена, по добивањето и на други параметри. Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека не очекува ценовен шок, како и дека доколку има поскапување тоа најверојатно ќе се однесува на дел од тарифните блокови, односно за оние кои трошат најмногу. За малите потрошувачи, кои се дел од регулираниот пазар, можено е и намалување, рече Ковачевски.

Инаку, ЕВН Хоум како Универзален снабдувач на електрична енергија, на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-јуни 2023, доби само една понуда од АД ЕСМ.

Од АД ЕСМ соопштија дека на повикот за набавка на електрична енергија за потребите за техничките загуби во системот на Електродистрибуција, за количини од 437.566 MWh за периодот од јануари до јуни  идната година, поднесена е понуда за цена од 110 евра за мегаватчас, наместо досегашните 143 евра за мегаватчас.

„На повикот на ЕВН Хоме за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар за количини од 2.043.095 MWh за период јануари-јуни 2023 г, АД ЕСМ се пријави со понуда од 56 евра за MWh, наместо досегашните 48 евра за MWh“, се вели во соопштението до медиумите.

За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

„Кога зборуваме за цената на електричната енергија тогаш не е само една цена која што ја кажавте, туку се работи и за цена која се однесува за покривање на загубите, и за цената на електрична енергија за дистрибуција што на крај врз основа на тие влезни ценовни параметри како и врз основа на влезните квантитативни параметри од МЕПСО, од ЕВН и од ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика треба да ја определи финалната цена“, рече денеска премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали државата ќе ја покрива разликата, од кои пари и што ќе се случува со сметките на граѓаните од 1 јануари идната годинана.

Тој посочи дека следејќи ги движењето на цена од 56 евра за мегаватчас, како и движењето на другите цени, односно факторите кои што ја определуваат висината на цената на загубите, и тн, го дели мислењето на вицепремиерот Битиќи и на министерот за економија Бектеши, дека граѓаните нема да имаат ценовен шок на 1 јануари 2023 година.

„Дури, сметам дека оние граѓани кои што трошат најмалку и кои што заштедиле најмногу, а тоа се во првите два тарифни блока, дека нема да имаат зголемување, а оние кои што трошат многу и кои што можат тоа финансиски да го поднесат, без никакви проблеми,  тие веројатно ќе имаат зголемување“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека со овие влезни параметри можно е да се случи да има намалување на цената на електрична енергија за регулираниот пазар, кај малите потрошувачи, а тоа се 70-тина илјади компании кои што вработуваат 98 проценти од вработените во државата.

„Значи, да почекаме, Регулаторната комисија за енергетика да ја даде финалната цена, меѓутоа, оценката која што ја даде вицепремиерот Битиќи и на која што се повикавте, јас се согласувам со неа“, рече Ковачевски.

Инаку, вчера вицепремиерот Битиќи и директорот на ЕСМ тврдеа дека цената на струјата нема да биде зголемена како и дека може да биде намалена кај дел од потрошувачите.

ЕСМ има законска обврска да го снабдува регулираниот пазар со 60 отсто, но со одлука на влада се задолжени да го снабдат 100 проценти.

Производствените капацитети за електрична енергија во ЕСМ се во функција – двата блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, Енергетика, и тие работат со полн капацитет и произведуваат електрична енергија целиот регулиран пазар. Ковачевски вели дека почна и монтажата на трансформаторот за третиот блок на РЕК Битола. Пристигнати се девет камиони со опрема, сега се чека транспортот на финалната, централна единица на трансформаторот кој што треба да пристигне од Турција и со тоа доколку нема испади на претходните, ЕСМ ќе ги има сите капацитети во производство. (М.Ј.)