За кого ќе гласаат Албанците


ЕРОЛ РИЗАОВ

Во ек е сервилно лигавење за албански гласови и за придобивање на разочараните социјалдемократи и вмровци, на традиционално неопределените и бојкотирачите. Големите македонски патриоти, кои проповедаа дека не е национализам да се сака само сопствената нација, им бакнуваат и раце и нозе на тие што на митинзите им кажаа дека не им требаат нивните гласови. Испадна – час не требаат кога сакаат да ги придобијат Македонците, а час требаат кога се пресудни албанските гласови. Каква снисходливост од која им се гади и на Албанците и на здраворазумните Македонци и сите други. Што ти е битка за власт, но и спасување газ од правдата.
„Криминалците“ од ДУИ, така до вчера беа нарекувани и обвинувани од „чесниот“ вмровски врв, сега се ангели. Али Ахмети сега повторно е стар сојузник и пријател. Ама изгледа доцна стаса Мицко во Речица, па тргна за Струга и за Гостивар. Го бара
Зијадин Села. Сега разбрал дека човекот не бил радикал, туку да ти бил струшки војвода кого сакаа да го убијат во Собранието некои душмани преправени во патриоти. Всушност, целата таа калакурница околу „крвавиот четврток“ и обидите за убиства на пратеници биле организирани од заевистите и соросоидите. Тие што се веќе осудени и организаторите кои се судат за настаните од 27 април 2017 година, се невини патриоти побратими на Албанците. Кога ќе завладее правото по образецот на Гордана Силјановска-Давкова сите ќе бидат ослободени.
Блерим Река е поблизок од роден брат, уважен колега и истомисленик на професорката Силјановска и на професорот Пендаровски, кој неговите 80.000 гласа ги чува на својата трансакциска смета и може да ги позајми на реверс. Лидерите на Беса, пак, веќе не се за една употреба туку се сериозни партнери заедно со нивното гласачко тело.
Гласовите на Албанците на политичката берза вртоглаво растат без оглед на која партија припаѓаат. И дали воопшто Албанците имаат мотиви да гласаат. Нивните гласови веќе вредат трипати повеќе од македонските и десет пати повеќе од сите други. Дали е баш така, или и оваа берза е голем ризик.

Во вториот круг излезеноста, како и при сите претседателски избори, ќе биде поголема. Не само поради зголемената мотивација од изедначениот резултат туку пред сè поради појасната слика со двајца кандидати. Веќе не е во прашање само етничката или партиската припадност, туку пред сè најзначајните стратегиски интереси на државата. Ќе одиме ли кон Европа или и натаму ќе наоѓаме оправдувања, и ние и Брисел, зошто не можат да почнат преговорите. На овие претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат имаа крајно нејасни определби и за договорите со Грција и со Бугарија и за суштествени закони за меѓуетничките односи во земјата.

Затоа кај опозицијата по веќе испробана шема се создава нагласено победнички амбиент, иако во вториот круг сè почнува од нула и не е можно сите гласови да се чуваат во фрижидер, во паричник или сеф. Има уште една причина да се прогласи победа и пред првиот и пред вториот круг, иако противникот има добиено повеќе гласови. Ако во вториот круг се повтори истиот резултат, или поразот е уште поголем, тогаш, ќе се активира последниот аргумент, а тоа е да се обвини противникот дека изборните резултати се наместени, дека победата е украдена.
Се разбира, и на избори, како и во животот, кој последен се смее најслатко се смее. Албанските гласови не се добиваат со изнудено и лажно прифаќање на тоа што вмровскиот претседател на државата Ѓорге Иванов не го почитува и не го потпишува кршејќи го уставот. Албанските гласови не се добиваат со прикаски дека претседателскиот кандидат Силјановска, истомисленик, поддржувач и ментор на Ѓорге Иванов многу го почитувала колегата Река и за него ќе гласала ако не помине во вториот круг. Мижи Асан да ти баам, демек јас за тебе, ти за мене, ама јас знам дека ти нема да поминеш во вториот круг. Каква великодушност.
Албанските или кои било други гласови не можат да се добијат со идеите за ревизија на Преспанскиот договор и со попречување на евроатлантските аспирации на Македонија. Прочитана е приказната – ние сме против договорите со Грција и Бугарија, ама сме и за ЕУ и за НАТО.
По првиот круг гледаме нагло свртување на кампањата на Силјановска-Давкова, на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Се применува без задршка директивата на Никола Груевски, јавно соопштена уште пред еден месец, да се прифати молкум Преспанскиот договор со тоа што се прифаќа реалноста дека е непроменлив и дека тоа е единствениот пат кон членство во НАТО и ЕУ. И ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска сè погласно ќе ја реафирмираат до 5 мај идејата дека се вистинските поддржувачи на евроатлантските интеграции и на членството во НАТО и во ЕУ.
Уште погласното ќе биде врескањето – држете го крадецот – и лелекање по владеење на правото. И таа лага е откриена поодамна бидејќи е единствениот начин да се спасат од правдата носителите на криминалот, корупцијата, грабежот на сопствениот народ и најголемото нарушување на човековите права и слободи по Втората светска војна, кога со години беа држени под надзор комуникациите на 20.000 граѓани и јавни личности. Професорката Силјановска, при постојаното повторување на својата заложба за владеење на правото, ниту еднаш не се изјасни дали тоа значи слобода за криманално-режимската банда, чиј кандидат е таа на изборите, или и натаму ќе биде попречувач на поддршката за независност на судовите и на Специјалното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, корупција и на злоуптребата на овластувањата на политичарите во високите ешалони на властите.
Она што останува непроменето во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е уште пожестокото плукање на противникот со најпогрдни зборови. Таквите говори на митинзи и билборди со бербатење на противникот, иако е прифатена обврската за фер натпревар, е срамно за Силјановска. Црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо ново и сега и порано, редовно платена од буџетот и со црни пари. Тоа ќе бидат бадијала фрлени пари.