За изборните модели

ПЕТАР АРСОВСКИ 

Деновиве е многу актуелна дискусијата околу предложените измени на изборните модели зад која застанаа повеќе политички чинители. Иако долго време се зборува за овие промени, досега немаше политичка волја тие да се имплементираат ниту, пак, сме биле сведоци на сериозна дискусија и анализа за причините за промена или за предложените решенија. Решенијата за кои се зборува, како и нивното спроведување, сметам дека заслужуваат малку пообемна анализа, зашто од таквата дискусија ќе зависи каква политичка репрезентација ќе имаат гласачите во државата.

Најнапред, кои се проблемите со сегашниот пропорционален модел на избори? Реално, има повеќе прашања кои сè уште го прават нашиот сегашен модел проблематичен во однос на изборните стандарди и понатамошната демократизација на политичкото претставување. Прво, изборните единици не се еднакви. Поради миграција, различни стапки на наталитет и други фактори, некои од шесте изборни единици (како што е сега поделена изборната мапа) имаат повеќе гласачи, и тоа значајно, одошто другите. Тоа во основа е проблем кој го нарушува базичното правило на еднаквост на гласот, зашто во некои изборни единици за истиот број пратеници гласаат повеќе луѓе, што значи дека нивниот глас де факто помалку вреди.

Второ, поделбата на шест изборни единици, заедно со просечниот изборен праг од 7.000 гласови за да се избере барем еден пратеник, прават сите партии кои во изборните единици имале под 7.000 гласа, нив да ги изгубат, и тоа во секоја изборна единица поодделно. Значи, ако една партија имала, на пример, 6.000 гласа во секоја од шесте изборни единици, нема да освои ни еден пратеник, а ако истите гласови ѝ биле сконцентрирани во една изборна единица, би добила и до четири пратеници, можеби и пет. Тоа е проблем во изборниот модел. Трето, ваквата поставеност на моделот ги фаворизира, и математички и политички, поголемите пред помалите партии. Прво, Донтовиот модел непропорционално повеќе количници им доделува на поголемите партии, плус помалите губат гласови ако не се во предизборна поголема коалиција. Тоа форсира предизборно коалицирање, каде помалите партии го губат својот политички идентитет.

Четврто, (ова е можеби повеќе прашање на пристап, а не на нормативен изборен модел), затворените, односно неменливи партиски листи, прават партиските елити при изборот на кандидатите за пратеници да не се секираат за квалитетот на кадровските решенија, зашто вака гласачите гласаат за партијата, а не за личностите. Така, освен што партијата станува центар на политичката лојалност и избраните пратеници не мора многу да се секираат за својата отчетност кон избирачите, имајќи предвид дека е доволно да се лојални на партијата за да се најдат на тој список. Со тоа, овој изборен модел форсира недемократичност, т.е. затвореност на внатрепартиските избори.

Кои се опциите? Во светот постојат многу изборни модели, но најголем дел од нив паѓаат под една од двете категории: мнозински или пропорционален, со многу хибридни решенија помеѓу. Мнозинскиот модел форсира избор помеѓу два пратеника за една единица, во која губитникот неповратно ги губи гласовите. Односно, оној што во дадената изборна единица имал макар и еден глас повеќе станува пратеник (слично на градоначалничките или претседателските избори во Македонија), а оној што имал макар и еден глас помалку ги губи своите гласови. Предноста на овој модел е што овозможува гласање за личности врзани за изборните единици, малку поголема независност од партиите, како и стабилно мнозинство, имајќи предвид дека во огромен број единици во трка остануваат само двете најголеми партии во таа изборна единица. Проблемот, се разбира, е во губитокот на гласови од оние што нема да бидат избрани, правејќи огромен број гласачи да немаат соодветна репрезентација во власта. Така, на пример, при последните избори во САД, Трамп стана претседател, иако Клинтон доби вкупно околу три милиони гласови повеќе, токму поради губитокот на гласови во оние изборни единици (во овој случај држави од изборниот колеџ) каде што Трамп доби, а Клинтон ги изгуби сите свои гласови.

Пропорционалниот модел, пак, вкупниот број пратеници одредени за една изборна единица, математички ги распределува пропорционално со бројот на гласови дадени за секоја партија (партиска листа) одделно. Така, зависно од поделбата на изборни единици и кој математички модел ќе се избере, губитокот на гласови се намалува, ставајќи го прагот на губиток на гласови кај оние партии кои не добиле доволно гласови ниту за еден пратеник. Односно, сите партии кои не добиле доволно гласови за ниту еден пратеник ги губат своите гласови. Тука, прагот на губитокот на гласови (или ако сакате со стручен јазик, степенот на репрезентативност) се зголемува или намалува зависно од бројот на единици, изборниот праг, големината на листите и слично. Пропорционалниот модел познава т.н. затворени партиски листи (каде партијата го дефинира редоследот по кој пратениците ќе влегуваат во парламентот зависно од бројот на гласови) или т.н. отворени листи, каде гласачите, покрај гласањето за партија имаат можност да го сменат редоследот на самата листа, односно да влијаат на тоа кој пратеник од понудените ќе биде избран пред другите.

Прашањето е каков модел е добар за Македонија? Имајќи предвид дека ние сме мултикултурно општество, во кое има многу помали политички, религиозни, етнички и слични заедници, па со самото тоа постојат повеќе помали групации кои учествуваат во политичкиот живот, а кои се под ризик од губиток на гласови, или се принудени да се претопат во големи предизборни коалиции, изборното решение би требало да биде онакво што ќе го зголеми степенот на репрезентативност до максимум, односно ќе го намали губитокот на гласови на минимум. По правило, тоа значи една изборна единица, зашто со повеќе изборни единици поголем е губитокот на гласови во секоја изборна единица одделно. На пример, ако сега една партија теоретски може да изгуби до 40.000 гласови (шест пати по 6.800 гласови изгубени во секоја изборна единица одделно), со спојувањето на изборните единици (дури и ако се задржи сегашниот праг), тој губиток би се намалил на 7000 гласови, значи би се подигнал степенот на репрезентативност до математичкиот максимум.

Прочитав и за идеи да се подели Македонија на онолку изборни единици колку што има пратеници (не беше јасно дали предлогот се однесува на пропорционален или мнозински изборен модел), но таквата поделба само би го мултиплицирала губитокот на гласови, односно, проблемот со репрезентативноста кој го имаме со шест изборни единици, би го проширила на 120 изборни единици. Затоа, најдобар модел за Македонија е една изборна единица, зашто и онака сме мала држава со мал број гласачи. Тоа би ја елиминирало нееднаквоста на гласот, би го зголемило степенот на репрезентативност и слично. Втората варијабла е отвореноста на листите. Тука доаѓаме до можеби единствената суштинска дилема – како гласачите да можат да влијаат на редоследот на листите, а тоа да не направи технички проблеми при гласањето. Имајте предвид дека ако државата се спои во една изборна единица, а листите се отворени (значи гласачите треба да означат кој од пратениците претпочитаат), тоа значи дека на гласачкото ливче ќе стојат сите 120 понудени пратеници од сите партии кои ќе кандидираат за сите изборни места. Дали гласачите ќе треба сите да ги подредат по нивен редослед или само некои (на пример секој гласач добива по 5 т.н. преференцијални гласови кои ги дава за личности). Дали целата листа ќе биде отворена или само еден дел, а првите х пратеници ќе ги избира партијата? Дали преференцијалните гласови мораат да се дадат за кандидати на иста партија? Како ќе се справиме (имајќи предвид дека овој модел е малку покомплициран) со зголемените згрешени или неважечки ливчиња? Имаме ли доволно време за едукација на гласачите?

На крајот, имаат ли поголемите партии политичка волја да го сменат изборниот модел, ако знаеме дека сегашниот токму ним им дава предност, а тие треба да одлучат за идниот модел?