За градоначалникот на Крива Паланка кривичната пријава е заплашување пред изборите


Градоначалникот на Општина Крива Паланка, денеска одржа прес-конференција
со цел, како што рече,  да ја разобличи најновата епизода од политичкиот притисок врз
него и општинската администрација. Кривичната пријава поднесена од СВР Куманово против градоначалникот и двајца вработени во Општина Крива Паланка е оценета како правно
неоснован и политички мотивиран напад, оркестриран од оние кои се во паника пред претстојните локални избори.

„Да бидеме јасни: ова не е прашање на законско прекршување, туку брутален обид за дискредитација и заплашување. Факти наспроти фикција: Како функционира системот и зошто ова е политичка местенка?!

Наводите во кривичната пријава се однесуваат на, наводно, „невалидност на одобрение за градење“ и „промена на инвеститор“. Дозволете ми да ги разјаснам фактите:

1.Правото на градба не може да се одземе без исполнување на законски услови – надлежноста е на инспекторатот! Одобрението за градење престанува да важи само доколку градбата не започне во законски предвиден рок. Меѓутоа, контролата на оваа важност, како и на усогласеноста на градбата со проектната документација, е исклучива надлежност на градежниот инспекторат (општински или државен), согласно член 101 од Законот за градење. Во конкретниот случај, постапено е врз основа на изјава за промена на инвеститор, процедура јасно регулирана во член 70 од Законот за градење, без издавање на ново одобрение. Кривичната пријава, оттука, е правно неиздржана.

2.Јас како градоначалник, општинската администрација и сите одговорни лица кои учествуваат во процесот на подготвување и потпишување на актите се водиме сторого и исклучиво по закон. До сега не постои случај на погрешно или неааконски водена постапка.

3.Промена на инвеститор – законски дозволен и администриран процес! Член 70 од Законот за градење експлицитно дозволува промена на инвеститор до моментот на издавање употребна дозвола. Оваа постапка е чисто административна, базирана на доставени валидни документи и изјави од странките. Општината постапила исклучиво по барање на странките и во согласност со законски пропишаните услови, без да издаде ново одобрение. Оттука, во овој процес нема ниту еден правно спорен елемент, ниту пак докази за умисла, лична корист или пречекорување на овластувања.

Имено, одобрението за градење е правосилен акт и сите права што произлегуваат од истото остануваат во сила, без оглед на рокот за започнување со градба, сè додека не се издаде употребна дозвола или не се утврдат други законски основи за негово поништување, што е надлежност на инспекциските служби, а не на општинската администрација.

Оваа кривична пријава е врв на политичкиот цинизам и лицемерство. Додека обвинителството молчи за брутални урбанистички девијации и илегална градба на висококатници во Чаир, каде што има стотици документирани прекршувања, тие покренуваат постапка за формална административна процедура во Крива Паланка. Ова не е случајност, ова е селективна правда, инструмент за политички прогон, порача градоначалникот на Крива Паланка.

Тој смета дека овој напад е резултат на паника во ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори.

„Одговорот е очигледен: паника од локалните избори! Ова е чист израз на страв од резултатите од анкетите, кои јасно го покажуваат растот на поддршката за мојот тим и концептот што го застапувам. До таму е отидена паниката, што сè уште не можат да пронајдат кандидат, а изборот на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го претворија во театар за пред јавноста. Подобро да фабрикуваат случаи, отколку да понудат вистинска програма!

Како градоначалник, моја должност е да го заштитам интегритетот на институцијата, угледот на општинската администрација и чесноста на секој поединец кој професионално си ја врши работата. Општина Крива Паланка е институција која работи транспарентно, законски и одговорно. Секој обид за неосновано оцрнување на нејзините служби, особено во изборен контекст, ќе биде разобличен со факти, со закон и со непоколеблива поддршка од граѓаните.Оваа кривична пријава е правно неоснована и политички мотивирана. Ќе ја браниме вистината и правдата до крај, со истата таа решителност со која ја браниме секоја улица, секој објект и секој проект што го реализираме за граѓаните на Крива Паланка“, порача Митовски.