За една недела ќе се полага државната матура


Фото: Б. Грданоски

За една недела, на 1 јуни, започнува полагањето на државната матура за која се пријавиле 15.553 ученици од завршните години, што е за 297 кандидати повеќе од лани. Новина годинава е што во групата на изборни екстерни предмети е додаден испитот по предметот социологија. Полагањето на државната матура ќе се спроведува во сите средни училишта во земјава, а започнува со екстерниот предмет по странски јазик, исто како мината година. Претходно, прв предмет за учениците беше тестот по мајчин јазик. И оваа година, како и минатите, најмногу матуранти избрале да полагаат англиски јазик – 14.413, а бројот на кандидатите кои се пријавиле да ги полагаат останатите странски јазици е многу помал. Француски јазик ќе полагаат само 59 кандидати, германски јазик 201, а руски јазик 15 кандидати.

На 8 јуни ќе се полага единствениот задолжителниот предмет за матурантите, мајчин јазик и литература. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.386 кандидати, албански јазик и литература 4.566, а 327 турски јазик и литература.

За да им се даде поголем избор на матурантите, во делот на групата на изборни предмети додаден е предметот социологија. На 11 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија, социологија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.206 кандидати, историја 2.407, биологија 3.631, филозофија 2.691, социологија 569, хемија 227, физика 128 и естетика 166.

На 13 јуни учениците од завршните години ќе го полагаат испитот по предметот математика за кој се пријавиле 2.049 кандидати. Согласно концепцијата за матура и за завршен испит, во средното образование со четиригодишно траење учениците екстерно полагаат три предмети. Испитниот материјал истиот ден кога се реализира испитот се носи во училиштата и се враќа во Државниот испитен центар (ДИЦ). Сите испити почнуваат во 10 часот.

Матурантите, покрај екстерните предмети во училишта, ќе полагаат и по уште еден интерен предмет до крајот на јуни. Претходно, тие имаа обврска да ја напишат и одбранат проектната задача од предметот што го избрале. Согласно правилникот за државна матура, прелиминарните резултатите од полагањето ќе бидат објавени во рок од 30 дена од реализација на последниот испит. Кандидатите што полагале државна матура, доколку сметаат дека е направен превид при вреднувањето на тестот, имаат право да поднесат приговор на резултатите. Кандидатите што во јунскиот испитен рок нема да успеат да положат дел или сите испити од државната матура, односно од оправдани причини не полагале или им била изречена мерка отстранување од испитот, ќе можат да полагаат во августовскиот испитен рок. Испитот како и досега ќе се спроведе на хартија.

Вероника Мароска-Леова