За ДУИ назначувањето на Богојески за директор е директна провокација за Албанците

-Посебно е иронично и трагично што овој поединец е предмет на кривична пријава токму од ВЛЕН, а денес со нивна поддршка е награден со лидерска функција. Овој чин е јасен сигнал: навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку се наградуваат и со државни функции. Ова е опасна порака дека секој што сака да гради политичка кариера треба само да го понижи албанскиот народ.
Дополнително, довербата за управување со европските фондови се дава на лице кое не само што давало навредливи изјави против Албанците, туку и против самата Европска унија и нејзините вредности, што претставува навреда за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми, сметаат од ДУИ.
Партијата на Али Ахмети бара итно повлекување на оваа, како што велат срамна одлука и враќање на сериозноста во процесите поврзани со евроинтеграциите, образованието и соживотот.
-Власта не смее да дозволи државата да стане сцена за слободни провокации, на штета на соживотот и европската перспектива, стои во партиското соопштение.
Богојески вчера објави дека функцијата ја прифатил свесно и одговорно, како што вели, не затоа што е лесна, туку токму поради комплексноста и сериозноста на задачите што произлегуваат од образовниот сектор, особено во рамките на европските образовни програми.
-Официјалното примопредавање на обврските во рамки на ЕУ, во присуство на претставници на Европската Комисија, ќе се одржи на 15 мај 2025 година во Варшава, Полска. Во согласност со новите професионални ангажмани, моите позиции како професор на Воената академија во Скопје и на Универзитетот за мир на Обединетите Нации ќе бидат привремено ставени во мирување, иако ќе продолжам активно да учествувам во наставниот процес и да работам со студентите, објави меѓу другото лидерот на Македонски концепт.
Богојески на функцијата доаѓа на местото на Марко Ѓоргиевски, кој ја водеше оваа институција од ноември 2020 година.