За доверба на владата на Петков ќе се гласа ден пред европскиот самит


 

Дали Кирил Петков на самитот ЕУ-Западен Балкан и потоа на самитот на европските лидери ќе замине како премиер со полн мандат или како технички премиер кој го загубил мнозинството во парламентот, ќе се знае од гласањето за доверба на владата на 22 јуни. Ден подоцна во Брисел треба да се одржат двата самити.

Бугарското собрание ќе расправа на вонредна седница на 21 јуни за предлогот за недоверба на владата на Петков поднесен од пратениците на ГЕРБ.

Според деловникот за работа на пратениците, гласањето за недоверба ќе се одржи во среда (22.06) – ден по расправата. Гласањето ќе се совпадне со националниот марш за поддршка на владата најавен пред неколку дена.

Барањето за изгласување недоверба на финансиската политика на кабинетот на Петков беше поднесено на 15 јуни. Вчера при гласањето за смена на претседателот на собранието, Никола Минчев беше формирано ново парламентарно мнозинство од 125 пратеници во 240-члениот дом. Денеска (17.06.) уште еден пратеник од Има таков народ се огради од својата пратеничка група, но како што сега стојат работите тоа не би го променило конечниот резултат од гласањето недоверба.

Но Петков мисли дека сѐ уште има шанси да ја спаси владата. Во интервју за бугарски „Капитал“ тој изјави дека има најмалку 15 пратеници од Има таков народ кои не се убедени дека треба да го следат лидерот на партијата Слави Трифонов. Тој рече дека со поддршка на владата од такви пратеници би се чувствувал поудобно.

Петков рече дека ќе им понуди на пратениците на ИТН, кои сега ја поддржуваат владата, места на идните листи на неговата партија Продолжуваме со промената, но не како трговија.