„Враќање кон авторитаризмот“: ДОМ е загрижен од заканата на Мицкоски за владини повереници

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
„Ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски. Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е ‘политичка тактика‚, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат.
Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските ‘аристократии’. Молкот за ова прашање од страна на ‘опозициските’ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, порачуваат од ДОМ.
Од партијата бараат премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување ‘повереници’ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал. ДОМ останува непоколеблив столб на борбата за вистинска и партиципативна демократија и ќе ги искористи сите законски средства за да ја одбрани волјата на граѓаните. Граѓанската волја не е на продажба – не дозволуваме да биде отстапена на партиските калкулации и на старите манипуланти со политичка моќ, порачаа од ДОМ на оваа уникатна изјава на Мицкоски кој, со изјавите на министерот за правда за преиспитување на принципот Бадентер, внесе политички немир во државата во која се растурени сите институции, и останува сега да се растури целиот систем“, велат од ДОМ.