За Димитриеска-Кочоска навредата кон Петровска била „лажна тема“, служела за дефокус

За министерката за финасии темата што предизвика бура во јавноста е веќе затворена. За неа имало поважни работи. Таа изрази „жалење за целиот контекст“


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска изјави дека нејзиниот настап вчера во Собранието со кој што ја омаловажи пратеничката Славјанка Петровска дека не може да дискутира за потрошувачката кошница бидејќи нема деца, била „лажна тема“ и служела за дефокусирање на јавноста од поважни теми.

Одговарајќи на прашање на новинарите на прес конференција во Владата на која соопшти за рекорден износ странски инвестиции лани, таа рече дека оваа тема за неа е затворена.

„Во однос на ова прашање и вчера бев многу јасна, но еве денес да го заокружиме и јас очекувам со ова за мене да биде затворено“, рече Димитриеска-Кочоска. „Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус“, додаде таа.

Очигледно читајќи однапред подготвена изјава, таа рече дека никогаш немала намера да навреди никого, напротив.

„И таа самата го знае тоа, ама вака сега ѝ чини да изиграва жртва“, рече Димитриеска – Кочоска, очигледно мислејќи на пратеничката Славјанка Петровска.

Министерката за финансии додаде дека од опозицијата решиле од ова да прават тема откако се искоординирале, бидејќи додека дискутирале во Собранието реакции немало.

„Им требаше време да се реорганизираат, да размислат, да видат и да дефокусираат. Но, секако повторувам, ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова сѐ ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето, колку што можеме“, рече Димитриеска-Кочоска.

„За мене темата, како што кажав, е затворена“, додаде таа, додавајќи дека се фокусира на нејзината работа за која има одговорност да ја работи.

„И, со задоволство објавувам рекордно ниво на инвестиции во Македонија. Затоа им пречам, затоа што темелно чекор по чекор си ја работам работата. Резултатите се јасни и видливи.
Тие се во исто време и мерливи“, рече министерката за финансии.

Таа не исклучува да продолжат со напади кон неа, но тоа е и дел од работата која има чест да ја води, и како што посочи, „да служам на мојот на народ и државата“.

Исто така, се пожали дека била предмет на лажни изјави, соопштенија по социјалните медиуми веќе со месеци, но во ниту еден момент не излегла да се пожали за нешто.

„Така што за мене оваа тема е затворена. Секој има право и ги повикувам да си ги искористат своите права, па да видиме кој бил во право, кој не бил во право и кој се трудел да дефокусира или да користи злоупотреби и лажна терминологија“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска. (Н.В.)