За да се изградат катни гаражи во Клинички, ќе има ребаланс на буџетот на Град Скопје
Советот на Град Скопје денеска ќе одржи 9-та редовна седница, на која главна точка на дневниот ред е Предлог-изменување и дополнување на Буџетот на Град Скопје за 2026 година, на предлог на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со предложениот ребаланс се предвидуваат дополнителни средства за реализирање значајни инфраструктурни, образовни и сообраќајни проекти, насочени кон унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и забрзан развој на градот.
Во новиот ребаланс се вклучени и средства за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клинички центар „Мајка Тереза“, изградба на кружен тек кај Народна банка на Република Македонија, како и реализација на низа други капитални проекти кои ќе придонесат за подобра сообраќајна инфраструктура и олеснување на секојдневието на скопјани.
Во рамки на зелените политики на Град Скопје, со ребалансот се предвидени и средства за поставување фотоволтаични системи и модернизација на системите за греење во дел од средните училишта, со што ќе се намалат емисиите на штетни честички, ќе се подобрат условите за настава и ќе се придонесе кон почиста и поздрава животна средина.