За австралискиот премиер Маск е „арогантен милијардер“


Австралискиот премиер го нарече Илон Маск арогантен милијардер, откако неговата платформа на социјалните мрежи X го одложи отстранувањето на снимките од минатонеделниот напад во Сиднеј. Вчера, австралискиот суд нареди X (поранешен Твитер) да ги отстрани видеата од настанот. Икс претходно најави дека ќе ја отстрани наведената содржина по законска одредба, пишува Би-Би-Си.

Сепак, Маск оттогаш објави мем во кој ја обвинува владата за цензура. Затоа, премиерот Ентони Албанес денеска изјави за ABC News дека Маск е арогантен милијардер кој мисли дека е над законот и пристојноста. Минатата недела, независен интернет регулатор им се закани на X и другите компании за социјални медиуми со високи казни доколку не ги отстранат видеата од нападот со нож во црквата Христос Добриот Пастир, кој полицијата го прогласи за терористички чин.

X тврдеше дека оваа одредба не е во опсегот на австралиското право. Регулаторот потоа побара судска забрана за објавување на спорните снимки, а набрзо дојде до расправија на социјалните мрежи и во медиумите.

„Би сакал да го искористам овој момент за да му се заблагодарам на премиерот што ѝ посочи на јавноста дека оваа платформа е единствената што ја покажува вистината“, напиша Маск. Тој претходно ја критикуваше австралиската комесарка за безбедност на Интернет, Џули Инман Грант, опишувајќи ја како „австралиски комесар за цензура“.

Премиерот Албанес застана во одбрана на Инман Грант, велејќи дека таа ги штити граѓаните на Австралија.

„Социјалните медиуми мора да бидат и општествено одговорни. Ова не е случај со Маск“, додаде тој. X мора да ги отстрани спорните снимки во рок од 24 часа по одлуката на судот.