За 70 отсто намален патничкиот сообраќај на грчките аеродроми во првите осум месеци од годинава

Фото: Б. Грданоски

Во првите осум месеци од годинава, во Грција забележан е пад од 70 отсто во патничкиот сообраќај на сите аеродроми, а за август, намалувањето е 55,7 проценти во споредба со лани, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од грчката Агенција за цивилно воздухопловство, во периодот јануари – август 2020 година, бројот на патници на грчките аеродроми, достигнал до 13,4 милиони, наспроти 44,9 милиони истиот период лани.

Намалување има и во бројот на летовите, од 368.414 лани, на 161.180 оваа година.

Во месец август годинава, намалувањето на патничкиот сообраќај е 55,7 отсто во споредба со лани.

Регистрирани се 4.539.902 патници, наспроти 10.238.414 во август 2019 година.

Во однос на летовите, минатиот месец имало за 41,4 проценти помалку од лани.

– Статистичките податоци од сите аеродроми во земјата ги одразуваат негативните ефекти од пандемијата на Ковид-19. Карактеристично е што пад на патничкиот сообраќај има шести последователен месеци, соопштуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.