За 48 илјади евра купивме две „тракторчиња“, велат од битолски „Паркинзи“


 

БИТОЛА – Колку чинат машините за бележењето хоризонтална сигнализација – пет, 10, 20 или уште повеќе илјади евра?

За битолското јавно претпријатие „Паркинзи“ беше наведено дека купило такво популарно наречено „тракторче“ за дури 48 илјади евра. Во јавноста со денови наназад се зборува за сомнителни јавни набавки со нереални, астрономски цени во општините каде градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ.

„Лага се тие тврдења“, велат од битолски „Паркинзи“.

Од ЈП „Паркинзи“ Битола категорично ги демантираат квалификациите дека се дел од афера и тврдат дека пласираните информации во јавноста околу постапката за јавна набавка на машини за бележење на хоризонтална сигнализација се неточни, нецелосни, злонамерни и тенденциозни.  

„Предмет на јавната набавка која се споменува се две, а не една машина за нанесување на боја за хоризонтална сигнализација, така што споменатата сума се однесува за две (различни машини), а сумата е вкупна за нив со вклучен ДДВ. Сметаме дека договорот намерно не беше презентиран во целост, иако целосниот договор им е достапен на оние кои очигледно сакале да изманипулираат со информацијата“, велат од ЈП „Паркинзи“ Битола во изјава за „Независен“.

Иако и самата сума 24 илјади евра за едно такво мало „тракторче“ изгледа прилично висока.

Според директорот Зоран Михајловски, постапката на јавната набавка е извршена во согласност со Законот за јавна набавка и договорот е доделен на фирмата која ги задоволила потребните технички критериуми и останатите услови предвидени во тендерската постапка. Михајловски вели дека „крајно е несериозна споредбата јавно претпријатие да набавува машини и опрема од ‘Али експрес’, ниту пак тоа го овозможува Законот за јавни набавки“. 

„На јавната набавка не се јави презентираниот понудувач со назив ‘JUNDA Made In China’, но и да се јавеше немаше да му биде доделен договор од причина што машината не е со сопствен погон (односно самоодна, параметар што исто така ни е битен и секако ја зголемува цената на чинење, но и тој за жал беше предмет на потсмев и манипулација). Набавената машина е произведена од еден од најреномираните светски производители на ваков вид опрема, присутен на сите континенти и со речиси едновековно искуство. Станува збор за фирмата ‘ГРАКО’ од САД“, објаснува Михајловски и тврди дека при процесот на јавната набавка „никој не се обиде ниту да фаворизира некого, ниту да изврши било какво влијание врз претпријатието или комисијата која ја реализираше набавката“.

По објавата на веста за ваквите набавки, темата ја обележаа и партиските обвинувања и надмудрувања, а СДСМ акцентот го стави на инволвираноста на градоначалниците, па набавката на машините го нарече „скандал на градоначалниците на ДПМНЕ“ со напомена дека цената на набавените машини е за три до пет пати повисока од реалната.

СДСМ ја повика Државната антикорупциска комисија да постапи во однос на „сомнителните јавни набавки со нереални, астрономски цени во општините под капата на ДПМНЕ“.

„Општина Битола потрошила речиси 50 илјади евра, а општина Велес околу 40 илјади евра за јавна набавка на машина за бележење хоризонтална сигнализација. Овие цени се драстично повисоки од реалните цени на пазарот. Исти вакви машини може да се најдат и по три и до пет пати пониски цени. Многу други општини, како Илинден, на пример, но и Центар и други, набавиле таква машина по трипати пониска цена од астрономските цени што се платени во општините Велес и Битола“, рече портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Тој праша во чии џебови завршила разликата и изрази очекување дека Антикорупциската комисија ќе преземе мерки.

Од Општина Битола се категорични дека ЈП „Паркинзи“, како и другите јавни претпријатија, „работи согласно Програма за работа усвоена од страна на Советот на Општина Битола. Осовременувањето на механизацијата, подобрувањето на условите во претпријатијата, а со тоа и подигнување на нивото на услуги за граѓаните се главните приоритети на локалната самоуправа, според кои се бара да функционираат и јавните претпријатија“.

„Од јавно достапните информации преку системот за електронски јавни набавки јавноста може во секој момент да провери дека, станува збор за комплетно транспарентно и професионално спроведена постапка. Со оглед на фактот дека постапката е спроведена од претпријатието, потписник на договорот е директорот, кој ја одобрил одлуката на комисијата за евалуација“, одговорија од Општина Битола за „Независен“.