За 30 години Македонија го зголемила БДП за 60 отсто, а Полска, Албанија, Романија… го триплирале


Од 1992 до 2021 година Македонија го зголемила домашниот бруто производ за 60 отсто, но многу земји од Европа и надвор од неа во тој период успеале да го зголемат речиси тројно или повеќе, покажуваат податоците што ги објави денес економскиот институт „Фајнанс тинк“ во вид на инфографики.

Така, ако пред три децении во Македонија сме имале БДП од 10.278 долари по жител според Паритетот на куповната моќ, годинава тој изнесува 16.444 долари.

За споредба, според нивото на БДП на жител, во 1992 година сме биле речиси на исто ниво како Полска (10.729 долари), Романија (10.957 долари и Казахстан (10.889 долари), а малку подобри од Латвија, која тогаш имала 9.959 долари по жител.
Денеска, меѓутоа, ситуацијата е драстично поинаквa – во Полска БДП по жител изнесува 33.475 долaри, што е зголемување од 3,1 пати во однос на 1992 година, во Латвија е 31.089 долари (поголем е за 3,1 пати), во Романија е 30.676 долаи (поголем е за 2,8 пати, а во Казахстан 25.657 долари или повеќе за 2,4 пати.

Институтот „Фајнанс тинк“ прави споредба и со земји со кои сега сме отприлика на исто рамниште во однос на БДП по жител, при што ги зема податоците за Албанија каде што сега овој показател изнесува 14.174 долари, Туркменистан со 16.213 долари и Грузија со 14.624 долари по жител.

Споредбата со овие земји покажува дека тие пред три децении биле далеку зад Македонија. Па така, во 1992 година Албанија имала БДП на жител од 3.446 долари (што значи дека во овој период го зголемила за 4,1 пати), во Туркменистан бил 3.781 долари (што значи во овој период е зголемен за 4,3 пати) и во Грузија бил 4.280 долари или зголемен е за 3,4 пати.

Од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека за споредба се земени само поранешни социјалистички земји со расположлив краен показател, односно проекција за 2021 година, сличен на тој од Северна Македонија. Притоа, како извор се користат податоците на Светскиот економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд.

Иако на инфографиките нема коментар, тој сам се наметнува – Македонија во изминатите три децении не успеа да најде економски модел кој ќе и обезбеди одржлив економски раст на подолг рок, што резултира сè повеќе да заостануваме – односно додека многу земји се движат забрзано на патот на економскиот прогрес, ние тоа го правиме недопустливо бавно. 

Линк до инфографиките ТУКА и ТУКА