За 11 месеци дипломатијата се претвори во целосен срам и дебакл, вели СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската СДСМ денеска оцени дека надворешната политика и дипломатијата по една година од изборите и 11 месеци од мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ надворешната политика на земјата е во дебакл. Ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето, рече на прес-конференција Фатон Бејта од комисијата за надворешни работи на СДСМ.

„Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси.  

Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех.

Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда. Денес сме зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Тоа е вистината. Молдавија го зазема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност. На секое поле во меѓународната политика е хаос, владата не знае каде тера“, рече Бејта.

Според него, власта не успеа да покаже конзистента и државничка политика со стратешките парнери ЕУ и САД. Додека земјите од регионот водат дипломатска агресивна агенда преку средби со високи државници, нашата дипломатија е сведена на бирократски протокол и импровизација, без стратегија и реална надворешно-политичка визија.

„Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за една година не покажа никаков  резултат, нема ниту еден успех. Единствен потег што го направи е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри.

Сето тоа кулминира со обидот за противуставно менување на Законот за надворешни работи, со цел Владата да го преземе и последниот збор во дипломатијата, исклучувајќи го претседателот на државата“, нагласи Бејта.

Тој наведе дека Македонија нема амбасадори во Франција, Италија, Данска, Белгија, Романија, Унгарија, Естонија. Нема амбасадори во НАТО, Женева, Њујорк. Владата нема назначено ниту генерални конзули во важни конзулати како Солун, Мелбурн, Њујорк, Детроит, Торонто.

Дури и во Данска, држава што од 1 јули ќе претседава со ЕУ – Македонија нема предложено амбасадор.

„Дипломатско-конзуларните претставништва се речиси нефункционални, а дипломатите сами, без поддршка, се борат да ја претставуваат државата. Ова е дипломатски срам, ова е целосно потфрлање на македонската дипломатија“, оценува СДСМ.