Вучиќ загрижен – кого ќе го повика кога ќе ја нема Меркел


Српскиот претседател Александар Вучиќ на Безбедносниот форум во Блед изјави дека ЕУ е „најдоброто место во светот за живеење“, но дека веќе нема ентузијазам за интеграција и дека еден настан понатаму влијае врз него.

„Ангела Меркел ја напушта германската политика. Ние нема да имаме толку силен германски канцелар, без оглед на тоа кој ќе биде новиот, тоа е факт. И тогаш моето практично прашање е – кога нешто ќе се случи, некаде во Европа, во земјите од Западен Балкан, кој ќе се јави на телефон и ќе побара или ќе нареди нешто да се направи. Кој ќе го стори тоа? Не гледам таква личност“, изјави Вучиќ.

Вучиќ уште изјави дека за него политиката не значи ласкање на луѓето, туку донесување болни одлуки. Тој изјави дека Белград е посветен на европскиот пат, но дека ентузијазмот за влез во Европската унија е намален во земјите од Западен Балкан, поради што тие бараат други начини, механизми и средства за постигнување напредок.

Едно од тие средства е иницијативата Отворен Балкан, рече Вучиќ. „Знаеме колку треба да се промениме и дека си требаме едни на други. Србија и Хрватска не можат да се договорат за ништо од минатото, но не можат да опстанат без меѓусебна соработка“, рече Вучиќ, додавајќи дека верува во помирување и прагматичен пристап што ќе нѐ доведе до обединета Европа.

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, изрази загриженост поради изјавата на Вучиќ дека ентузијазмот за влез во ЕУ е намален во земјите од Западен Балкан.

Земјите од Западен Балкан со децении чекаат промена, која не доаѓа, рече Сасоли, додавајќи дека процесот на проширување на ЕУ треба да се промени, на прагматичен начин, со утврдени рокови. Тој додаде дека земјите од Западен Балкан се дел од историјата на Европската унија, со чии членки делат заеднички идентитет.

„Затоа мора да бидеме посветени на процесот на проширување на ЕУ. Тие земји сакаат да станат дел од европското семејство“, рече Сасоли.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја стави Србија на прво место во однос на другите земји во регионот.

„Србија е клучна земја, ни треба Србија во нашето членство повеќе отколку што на Србија ѝ треба ЕУ. Мора да имаме геополитички пристап, ни треба Србија токму поради геополитиката, бидејќи во спротивно ќе страдаме поради одредени безбедносни проблеми“, рече Орбан.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е за проширување на ЕУ, но дека некои членки на Унијата се алергични на какво било споменување на тој процес.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека иднината на Европската унија е незамислива без земјите од Западен Балкан. Тој додаде дека ЕУ не е статична, туку динамична унија. Колку што е важна ЕУ за Западен Балкан, толку е важен тој регион за Унијата, рече Мишел, со порака: Заедно можеме да изградиме европска иднина за подобар свет.