Вучиќ за санкциите против НИС: „Веќе немаме што да разговараме со Американците“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави во врска со санкциите на САД врз компанијата „Нафтeна индустрија Србија“ (НИС), кои ќе стапат на сила утре, дека Србија ќе мора да најде начин да го реши тој проблем, додавајќи дека ќе мора да разговара со Русите, кои се мнозински сопственици на компанијата.
„Се надевам дека компанијата нема да отпушти голем број работници, но ќе видиме. Во секој случај, ќе разговараме со Русите за сè, бидејќи сега немаме што повеќе да разговараме со Американците“, изјави Вучиќ за новинарите во Белград.
Според неговите зборови, САД „ги избркаа своите“, Европа ќе ги поддржи американските санкции.
„Сигурен сум дека по кратко време и ЈАНАФ ќе престане да испорачува нафта“, рече Вучиќ.
Како друг проблем, тој го спомена финансискиот и банкарскиот проблем, додавајќи дека „нема таква банка што нема да сака да ги избегне американските санкции“.
Домашните банки во Србија, како што додаде, ќе можат да издржат неколку дена подолго, но „нема да сакаат да пропаднат или да исчезнат поради тие санкции“.
„Ќе имаме безброј проблеми, тоа значи дека не можете да им платите на работниците, не можете да платите ништо, делови за рафинеријата… Ќе мора да видиме како да го решиме тоа“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека со месеци барале и наоѓале решение, но ниту едно од нив „не било доволно добро за нашите партнери и пријатели“.
„Не затоа што сме арогантни, туку затоа што сите се цврсти во своите позиции и никој не сака да ги напушти, а малкумина беа заинтересирани за позицијата на Србија – и едните и другите. Сигурно ќе го добиеме најлошото, ниту виновни ниту должни“, рече Вучиќ.