Вучиќ врши притисок врз обвинителството да се пресмета со Н1


 

Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно упати сериозни обвинувања и закани кон телевизијата Н1 претставувајќи ја како непријател на државата, а не како независен медиум кој си ја врши работата.

Причината за нападот беше преносот во живо на настаните за време на бруталната полициска интервенција што се случи синоќа во Нови Сад, кога една граѓанка, исплашена и вознемирена додека се обидуваше да се спаси, изговори реченица што може да се протолкува како повик на насилство. Тоа не беше став на Н1, туку автентично сведоштво од местото на настанот и тоа во програма во живо.

И покрај ова, претседателот ја искористи ситуацијата за да ѝ се закани на Н1: „Чекам реакција на обвинителството, ако нема, ќе мора да преземеме соодветни мерки“, рече Вучиќ. Ваквата порака јасно покажува дека претседателот на Републиката директно врши притисок врз судството и ја узурпира улогата на обвинител и судија. Не е прв пат Вучиќ да ја етикетира Н1 како „окупаторски“ или „терористички“ медиум, создавајќи атмосфера во која новинарите се мета, а слободата на говорот е непријател на владата.

Н1 соопштува дека без оглед на заканите и притисоците ќе продолжи да ја врши својата работа професионално и одговорно, останувајќи верен на својата мисија, да им ги пренесе фактите, вистината и сè што владата се обидува да им го скрие на граѓаните на Србија. Како што известуваше синоќа од Нови Сад, каде што веројатно беше спроведена една од најагресивните полициски акции во последните неколку децении во Србија.