Вучиќ: Собирот во Кина беше Премиер лига, а форумот во Блед Белградска зона
Претседателот на Србија од Кина изјави дека на Бледскиот стратешки форум се зборувале глупости, а тој не сака да се занимава со тоа

Српскиот претседател Александар Вучиќ не присуствуваше на Бледскиот стратешки форум, каде што европските лидери разговараа за проширувањето на Европската унија и ситуацијата на Балканот, но беше во Пекинг за огромната воена парада.
Коментирајќи го своето отсуство од Блед, Вучиќ рече дека „немал дилема“ и дека „не сака да се занимава со глупости“. „Не отидов во Блед, (премиерот) Мацут беше поканет. Тој мудро и правилно не отиде. Ги поканија блокадерите во Блед, нека разговараат со нив“, истакна Вучиќ, пренесува „Нова.рс“.
Тој додаде дека е невозможно да се споредат средбите што можел да ги има во Блед со оние што ги имал во Кина. „Ако го споредите мојот однос и разговор со Пленковиќ и не знам кој друг… Се наслушав глупости колку што сакате. Ако го споредам со средбите со Ши, Путин и Фицо, тоа е како да се споредува Премиер лигата и Белградска зона“, рече Вучиќ, осврнувајќи се на четвртото ниво на натпреварување во српскиот фудбал.
„Ако одев во Блед, ќе рекоа зошто не дојдов тука. Ако Путин кажеше нешто лошо, тоа ќе беше главната вест за нив. Мене ме интересира само Србија и интересите на Србија, ништо друго не ме интересира. Тоа е она што не можат да го разберат“, рече тој.
Тој тврдеше дека, за разлика од оние кои се занимаваат со поделба на функциите и борбата за пари, него го интересира како Србија ќе обезбеди извори на енергија, ќе развие вештачка интелигенција и ќе ја зајакне одбраната на земјата.
„Мислам дека е важно да се справиме со тоа како Србија ќе има гас, електрична енергија, како ќе ја користи вештачката интелигенција, за да не ја пропуштиме револуцијата како што порано заостанувавме зад светот. Мојата работа е да се грижам за одбраната на земјата, да се грижам за тоа како ќе живеат луѓето. А да се занимавам со глупости, не можам“, заклучи тој.
Односите со режимот на Путин и Русија не можат да бидат вообичаени и Европската унија го стави ова кристално јасно до знаење на Србија, изјави портпаролот на Европската комисија за порталот „Јуропијан вестерн балканс“, прашан за средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин и посетата на претседателот на парадата во Пекинг.
„Србија мора да нè убеди во својата стратешка ориентација кон ЕУ и да демонстрира веродостојна посветеност на европските вредности“, се наведува во писмениот одговор.
Се потсетува дека Србија поднела барање за членство во ЕУ и преговара за тоа, и дека таквата одлука на Србија подразбира дека земјата се усогласува со ЕУ, вклучително и во областа на надворешната политика.
Како што оценија, Кина е клучниот двигател на руската агресија против Украина и дека без Кина, Русија не би можела да продолжи да ја води оваа војна во иста мера.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин дека соработката на највисоко ниво со Москва во сите области е многу важна за Белград.