Вучиќ разговараше со Лајчак за смирување на тензиите на северот на Косово


Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, разговарал за начините за смирување на тензиите на северот на Косово и за спроведувањето на претходно постигнатите договори. 

Вучиќ на својот Инстаграм со фотографии од средбата во Белград напиша дека го предупредил Лајчак дека Србите во Косово „се изложени на најлошата тортура и прогон во последните 15 години“.

„Ги повторив барањата за почитување на нивните права и безбедност. Ја повикав меѓународната заедница поконкретно да се ангажира за сите овие прашања“, напиша српскиот претседател.

Лајчак пристигна во Белград по посетата на Приштина, каде вчера разговараше со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателката Вјоса Османи.