Вучиќ распиша парламентарни избори


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, распиша вонредни парламентарни избори за недела, 17 декември.

Според законот, сите рокови за избори почнуваат од моментот на објавување.

Кампањата ќе трае до 14 декември на полноќ, кога ќе започне изборниот молк. Сите гласачи, државјани на Република Србија полнолетни, ќе можат да гласаат на своите избирачки места во недела на 17 декември од 7 до 20 часот.

Претходните парламентарни избори во Србија се одржаа на 3 април минатата година. На тие избори убедливо победи листата предводена од Александар Вучиќ.

„Донесувам уредба за распуштање на Народното собрание, оваа уредба влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Србија“, рече Вучиќ.

Тој најави дека носи одлука за распишување избори за пратеници, како и дека сите изборни активности ќе започнат со стапување во сила на уредбата. Граѓани на Србија, ви посакувам среќни избори“, рече Вучиќ по потпишувањето на указот и додаде дека е важно Србија да остане обединета во овие тешки моменти.

Тој на сите учесници во претстојната кампања им посака добар резултат, како и дека кампањата треба да ја водат на демократски начин.

Да потсетиме, претседателот на Народното собрание на Србија, Владимир Орлиќ денеска ги распиша изборите за советници на градските собранија и општинските собранија во Србија.