Вучиќ поради болест ги откажа најавените активности


Српскиот претседател Александар Вучиќ поради болест не присуствува на денешните собири со кои се одбележува 20-годишнината од бомбардирањето на авионите на НАТО на зградата на Радио Телевизија Србија (РТС), тврди „Блиц“.

Весникот наведува дека поради болеста Вучиќ ги откажал сите планирани активности за денеска и за утре.

Кабинетот на Вучиќ не ги коментираше ваквите тврдења, само соопшти дека во негово име на собирите ќе се обрати српската премиерка Ана Брнабиќ.

Српските медиуми посочуваат дека Вучиќ досега и кога бил болен редовно ги извршувал своите обврски, оценувајќи дека овој пат веројатно „работата е сериозна“.

Дел од медиумите посочуваат дека Вучиќ изгледал „прилично исцрпено“ на митингот на неговите приврзаници одржан во петокот во Белград, посочувајќи дека наликувало оти „едвај го издржал говорот и гласот повремено му се губел “

Инаку, зградата на РТС беше бомбардирана на 23 април 1999 година во 2.06 часот, при што загинаа 16 новинари и вработени во телевизијата.