Вучиќ: Декларацијата на Хрватска и Словенија е непријателска кон Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека декларацијата за воена соработка меѓу Хрватска и Словенија е непријателска кон Србија и најави дека ќе разговара за ова прашање со генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
– Ме загрижува молкот на луѓето од ЕУ и НАТО. Ќе се обидам да разговарам со Марк Руте за да видам за што се работи, изјави Вучиќ за провладината српска телевизија „Пинк“.
Тој додаде дека Руте претходно му рекол дека не е запознаен со декларацијата за соработка во одбраната меѓу Хрватска, Косово и Албанија.
Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и неговиот словенечки колега Борут Сајовиќ вчера во Загреб потпишаа декларација за воена соработка, што Анушиќ ја опиша како „ново поглавје“ во веќе силните одбранбени врски меѓу двете земји, објави агенцијата ХИНА.
Декларацијата опфаќа сè што може да се направи за да се подобри ефикасноста на вооружените сили и одбранбените индустрии на двете земји.
Анушиќ истакна дека слична декларација е потпишана со Албанија и Косово во март и дека се водат преговори со Бугарија за приклучување кон оваа иницијатива.
Вучиќ изјави дека Србија има негативни искуства од 90-тите години и дека, гледано низ историска призма, е јасно дека „некој подготвува нешто“. Тој повика на смирување на тензиите и зачувување на стабилноста, истакнувајќи дека Србија мора да се зајакне економски и воено за да биде одвраќачки фактор.
– Овие дејства се јасно и недвосмислено непријателски кон српскиот народ и државата Србија, но мораме да останеме смирени и да не дозволиме да бидеме вовлечени во конфликти, рече тој.
Словенечкиот министер Сајовиќ на вчерашната прес-конференци во Загреб нагласи дека промените во светот бараат зајакнување на соработката во одбраната и дека Загреб и Љубљана имаат голема одговорност за мирот во Западен Балкан, особено во Косово и Босна и Херцеговина.
Потпишувањето на декларацијата доаѓа еден ден по виртуелната средба на „Коалицијата на подготвените“, по која францускиот претседател Емануел Макрон објави дека 26 земји се подготвени да испратат војници во Украина доколку има прекин на огнот.
Анушиќ нагласи дека Хрватска нема да испраќа војници во Украина, додека Сајовиќ рече дека Словенија би учествувала само во мисија на ОН, што би барало одобрение од Советот за безбедност, каде Русија и Кина имаат право на вето.