Вучевиќ: Литиумот е геополитичка предност на Србија, несериозно е да се пропушти шансата


Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека е несериозно и неодговорно да се пропушти шансата за експлоатација на литиум и дека  тој е геополитичка предност за земјата, бидејќи како што наведе, не е исто да се разговара со Србија без и со литиум, јави дописникот на МИА од Белград.

-Рударството е нераскинливо поврзано со развојот на нашата земја. Така е од средниот век до денес. Верувам во одржлива економија, односно одржлив развој. Верувам дека економијата и екологијата се две гранки од исто дрво и дека ниту една не треба да биде отсечена, рече тој на ТВ Прва.

За да се продолжи со истражувањето и евентуалната експлоатација на литиумските и другите минерални руди, потребно е да се добијат гаранции дека ќе се применат највисоки можни мерки за заштита, пред се за здравјето на луѓето и за животната средина, кажа Вучевиќ.

-Тоа е услов на сите услови, над економијата, над математиката. Без таква гаранција, а такви гаранции може да ги потврди само струката, а не некој што нема поим за тоа, туку мисли дека е од Бога даден да зборува за литиум или нешто друго, а не знае ништо за тоа. Тоа не можам да го прифатам како релевантно, рече српскиот премеир.

Тој наведе дека е особено важно Србија да инсистира да не извезува суровина, туку производство во Србија и дека сака да има синџир од експлоатација до производство.

-Не сакаме да ни се зема суровина и да се оди во некоја друга земја да се прават батерии или електрични возила таму. Сакаме таквото производство директно да се организира во Србија, нагласи Вучевиќ.