Второ изменето и дополнето издание на книгата „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст” на Свето Стаменов

Од печат излезе второто изменето и дополнето издание на книгата „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст” на македонскиот публицист, политиколог и поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје Свето Стаменов, чие прво издание беше објавено во 2019 година во рамките на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура.
Книгата е своевидна збирка на радио-интервјуа што беа реализирани во текот на 2016 и во првата половина на 2017 година во рамките на серијалот со кој Македонското радио – Радио Скопје му се приклучи на сеопштото одбележување на 1.100-годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски, најистакнатиот ученик и продолжувач на епохалното дело на сесловенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј, мегаинтелектуалец, мисионер, прв словенски епископ и прв македонски и словенски светител, основач на првиот словенски универзитет, втемелувач на воспитно-образовната дејност во Македонија, прв македонски и словенски писател и преведувач, оратор и социјален медијатор, чудотворец… Со еден збор, фундаментален столб на македонската култура и на нејзиниот историски континуитет, човек кој со своето епохално дело го задолжи не само македонскиот народ, туку и целото словенство, па дури и целиот христијански свет.
Првото издание на „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ содржеше 16 интервјуа – разговори со еминентни универзитетски професори, македонисти, писатели, богослови, културолози, извонредни познавaчи и почитувачи на грандиозното дело на свети Климент Охридски, како што се: проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Александар Прокопиев, проф. д-р Елизабета Димитрова, проф. д-р Маја Јакимовска Тошиќ, проф. д-р Виолета Мартиновска, м-р Ана Ѓорѓевиќ, протопрезвитер проф. д-р Јован Таковски, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ и проф. д-р Јован Белчовски, кои во рамките на редовната попладневна програма „Актуелно” и авторскиот проект „Quo vadis” ги изложија своите видувања за одделни аспекти од животниот пат и од творештвото на свети Климент Охридски.
Ова второ изменето и дополнето издание на „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“, кое се појавува по цели шест години и по исцрпувањето на тиражот на првото издание, пак, е благодарение на Општина Охрид, која во рамките на својот Јавен повик за финасирање на предлог-идеи од јавен интерес во областа на културата на Општина Охрид за 2025 година, финансиски го поддржа неговото објавување и, за разлика од првото, е дополнето со пет нови интервјуа (2 со проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ и 3 со проф. д-р Димитар Пандев), што беа реализирани во периодот од 2019 до 2023 година во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје по повод традиционалното одбележување на празникот Свети Климент Охридски.
Книгата „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ авторот ја посветува во знак на огромна благодарност и вечен спомен на неговата животна сопатничка и непресушна инспирација, неповторливата Искра Чоловиќ, доајен на македонското спикерство, новинар и истакнат македонски публицист, автор и коавтор на 14 книги и, пред сè и над сè, ГОЛЕМ ЧОВЕК, која ненадејно почина на 14 декември 2023 година.
Ова второ изменето и дополнето издание на „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ е збогатено со пригодни текстови – рецензии на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Цане Т. Мојаноски и проф. д-р Димитар Пандев и на проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ и проф. д-р Маја Јакимовска Тошиќ кои, пак, беа рецензенти на првото издание.