Вторничка голгота во градските автобуси – ветувањата за нови не им помагаат на патниците
Состојбата во автобусите, оние кои ќе дојдат на постојка секојдневно е иста - метеж, преполн автобус, нервозни патници, нервозни возачи...
Со викотници, кавги и дофрлања, настегани како сардини во конзерва, утрово жители на Скопје кои решија до својата дестинација да стигнат со автобус, го поминаа патот од дома до работа, до лекар, до пазар, на училиште.
„Што правите во вторник наутро во 8 часот? Седете дома! Излезете подоцна! На работа треба да стигнеме“, со повишен глас им се обрати една патничка во приватен автобус на линијата „23“, откако внатре немаше како да се стои, а не се затвораа ни вратите на автобусот.
„И ние имаме потреба. Мора да си ги завршиме нашите работи“, дофрли една пензионерка.
Ова се само дел од пристојните разговори на висок тон во автобусот, а секој имаше и предлог како да вози возачот, на која станица треба, а на која да не застанува.
Задната врата неколкупати не можеше да се затвори од метеж, но луѓето тврдеа и дека е подрасипана, па не „фаќа“ од прва.

Дури и да сакаш да се симнеш од автобусот и да почекаш некој друг, не беше можно, освен ако не си до вратата.
Во автобусот се возеа и повозрасни луѓше, но и работници кои брзаа да стигнат на работното место. Имаше и мајка со две деца седнати на едно седиште, додека таа стоеше покрај нив.
Состојбата во автобусите, оние кои ќе дојдат на постојка секојдневно е иста – метеж, преполн автобус, нервозни патници, нервозни возачи… Особено во вторник и петок, кога пензионерите имаат бесплатен превоз, кој секако, го плаќаме ние другите. Во сабота и недела пензионерите, исто така, може да се возат бесплатно, но метежот по автобуси не е толкав.
Додека граѓаните се справуваат со овој хаос како знаат и умеат, ветувањето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и на премиерот Христијан Мицкоски дека 100 нови автобуси ќе добие ЈСП Скопје воопшто не им е од помош. Затоа што за нив ќе се начекаме.
Сегашните не се доволни! Возниот ред не се почитува, возачите знаат да се исклучат на последната постојка, а неретко и да ги симнат патниците на станица која е е последна, затоа што доцнеле со кругот, па да се вратат назад. Оние што одат во тој правец најчесто преседнуваат во друг автобус, но оние кои чекаат да тргне од последните станици, ќе мора да го почекаат следниот на ред, а тоа е разлика од најмалку половина час до час.
Градот доби нова власт, но овој проблем е постар од нив, па требаше да знаат дека оние кои ги гласаа очекуваат подобро од претходните. Засега скопјани тоа не го добиваат. (Б.Б.)