Вториот круг почнува од нула
ЕРОЛ РИЗАОВ
Првиот круг на претседателските избори ја заслужи оценката – европски. Првпат во Македонија при избор на шеф на државата немаше посериозни инциденти ниту, пак, приговори кои зборуваат за нарушување на избирачкиот процес. Но натпреварот не е завршен. Ако за првото полувреме може слободно да се каже дека беше како од Премиер лигата, тоа, за жал, не може да се предвиди и за второто. Сè уште голема е неизвесноста дали ќе имаме скандинавска или балканска разврска или, пак, воопшто ќе нема избран претседател на државата. Скандинавски би било победниците од првиот круг Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова да го завршат натпреварот во најдобри културни манири, да си подадат рака, да си честитаат победа и да им се заблагодарат на сите граѓани за државничката зрелост во еден историски значаен период пресуден за иднината на државата. Тоа би било најдобрата вест за сите граѓани, но и добра порака за Брисел.
Првиот круг заврши со голема изедначеност на двајцата кандидати. Рано е да се прогласуваат победници. Вториот круг почнува од нула, поволниот резултат од првиот круг може да загорчи во вториот. Пендаровски тоа најдобро го знае бидејќи еднаш ја почувствува таа горчина. Натпреварот не е завршен додека судијата не отсвири крај. Прогласување победа пред да заврши натпреварот раѓа нови делби и омрази, особено ако дојде до пресврт. И тоа сме го виделе повеќе пати.
Балканската разврска е присутна на речиси сите претседателски, парламентарни и локални избори, проследена со низа нерегуларности, полнење на гласачките кутии, туристички тури со увоз на гласачи, бугарски возови, лажни адреси и тазе штанцани лични документи, гласање на мртви души, прегласувања, закани, па и пукање од огнено оружје и жртви. Нема нешто што досега не сме виделе на денот на изборите, главно организирано од политичките партии и предизвикано од амбиентот создаван со црна пропаганда и со јазик на омраза кон политичките противници, но и со изборна корупција и националистички и шовинистички претскажувања за загроза на државата, националниот идентитет, на верата, на јазикот на достоинството… Последните судски пресуди над 20 години затвор, вкупно, изречени на повеќе партиски функционери, моќници и активисти кои сè уште се во жалбени постапки, имаат превентивна улога дека не е исплатлива инвестиција човек да се впушта во авантура која може да му донесе повеќегодишна казна затвор. Изборните нерегуларности се тешки кривични дела секаде во демократскиот свет и се проследени со драконски казни бидејќи се сметаат за силен удар на општествениот поредок, на демократијата, која е извојувана со големи жртви и револуции.
Најлошата вест би била Македонија да остане без избран претседател и покрај мирни и фер избори и со јасна европска ориентација на граѓаните. Тоа може да се случи во вториот круг, ако не се исполни уставниот цензус од 40 отсто што значи излезеност од над 700.000 гласачи. Ако и во вториот круг излезеноста биде иста како и во првиот круг, над 42 отсто, тоа значи дека Македонија на 6 мај ќе го добие петтиот претседател на државата избран на веродостојни избори. Тесниот резултат во првиот круг навестува дека и вториот круг ќе има уште поголема излезеност, но и изгледи за повеќе нерегуларности.
Агитациите за бојкот на изборите се кукавички чин со тенденција за попречување на иднината на државата и пролонгирање на преговорите со ЕУ. А кукавичлукот е во фактот што заговорниците на ваква разврска со бојкот се кријат зад 30 проценти граѓани кои редовно не гласаат и приближно околу 400.000 до 500.000 луѓе со право на глас кои во изминатите десетина години ја напуштиле земјата, а ги има во избирачките списоци кои сè уште имаат голем број нејаснотии и неправилности. Процентот од над 40 отсто излезеност во суштина не е слаб, како што слушнавме од првите анализи на изборните експерти и аналитичари, туку дека е одличен и е над 60 проценти од присутните гласачи во земјата што секаде во Европа се смета за голема излезеност. Споредбата на излезеноста на претседателските избори денес со локалните и парламентарните избори или со претседателските избори пред пет, или пред десет години, во најмала рака е неумесна, а и аматерска.
Односот на гласачите кон изборите од година во година се менува, а цензусот за претседателските избори и референдуми е несфатливо висок. Во парламентарните демократии каде што се ограничени надлежностите на претседателот на државата олку висока задолжителна излезеност е налудничава и непримерна. Што се однесува до референдуми неодамна ја слушнавме информацијата на Иво Вајгл дека во Словенија излезеност и од 15 проценти на референдум се смета валидна и законска. Луѓето што не гласаат на референдум се смета дека не се заинтересирани за проблемот и нивната апстиненција од кои било причини нема никаква улога на крајниот резултат.
Конечно, како и што се очекуваше, вториот круг на претседателските избори ќе биде одлучувачки дали шеф на државата во наредните пет години ќе биде Стево Пендаровски или Гордана Силјановска-Давкова. Изедначеноста на резултатот од првиот круг и шансите да почнат годинава преговорите на Македонија со ЕУ и со веќе обезбеденото членство во НАТО е силна мотивација за уште поголема излезеност во второто одмерување на силите. Македонија е влезена во новата ера. Нема враќање назад.