Втора шанса за електро-поврзувањето Битола–Елбасан, поставен камен темелник на 400 киловолтен далекувод
Македонија целосно ќе се поврзе со сите соседни електроенергетски системи, што значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на поставување камен-темелник на 400 кV далновод од ТС „Битола 2” на граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница.
Тој нагласи дека денес не зборуваме само за еден инфраструктурен проект, туку за нешто многу поголемо – за поврзување, за стабилност и за иднината на државата во европското енергетско семејство.
„Интерконективниот далекувод Битола–Елбасан не е обичен далекувод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека со изградбата на овој 400 киловолтен далекувод, долг околу 100 километри, ја воспоставуваме последната енергетска врска којашто недостасува со нашите соседи.
„Во енергетиката нема изолирани системи. Нема затворени кругови. Секој систем дише заедно со другите. Токму затоа, оваа интерконекција не е само национален проект – таа е дел од европската енергетска мрежа. Таа подразбира баланс, сигурност и способност да интегрираме нови извори на енергија, посебно фокус ставаме на обновливите, кои се иднината“, кажа Мицкоски.

Премиерот оцени дека овој проект бил еден од најкомплексните со коишто се соочиле како влада.
„Кредитот бил обезбеден уште во 2015 година. Договорот потпишан во 2020 година. А реализацијата речиси непостоечка. Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлука донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР. Ја заштитивме државата. Ја зачувавме инвестицијата. Повеќе од половина од веќе набавената опрема останува во сопственост и ќе се искористи. Не дозволивме ниту еден ден повеќе да се губи, ниту едно евро, денар да се потроши на страна. Потоа следеше најтешкиот дел – рестарт на проект кој со години стоел во место. Се соочивме со правни, технички и организациски предизвици. Со имотно-правни прашања. Со потребата од усогласување со меѓународни стандарди и ФИДИК правила. Со обврска да го вратиме проектот во живот без да ги изгубиме веќе вложените ресурси. И успеавме“, истакна Мицкоски.
Тој потсети дека со транспарентна постапка преку системот на ЕБОР, избрале нов изведувач, согласно највисоките европски стандарди и оти, како што кажа, тоа е гаранција дека овој пат работите ќе се движат и нема да стојат.

„Овој проект денес е спасен. Рестартиран. Поставен на здрави темели. Но, повеќе од тоа – овој проект е порака. Порака дека како две земји можеме да соработуваме, порака дека мојата држава знае да носи тешки одлуки. Со овој далекувод, ние не градиме само енергетска врска. Ние градиме доверба – кај инвеститорите, кај партнерите, кај граѓаните. Градиме позиција на стабилен и сигурен партнер во Европа. И затоа, денес, кога зборуваме за Битола–Елбасан, не зборуваме само за кабли и столбови. Зборуваме за енергија што ќе ја движи економијата. Зборуваме за стабилност што ќе ги штити граѓаните. Зборуваме за иднина која ја градиме заедно. Доаѓа времето кога Македонија нема да биде на периферијата на енергетските текови, туку во нивниот центар. И тоа време – започнува сега“, заклучи Мицкоски.
На настанот се обрати и министерката за енергетика Сања Божиновска, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау, претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, албанскиот министер за енергетика и инфраструктура Енеа Каракачи и генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи.

Министерката Божиновска истакна дека почетокот на изградбата на проектот е стратешка основа за новата енергетска карта на нашата земја и силен чекор напред кон модерна, стабилна и регионално интегрирана електроенергетска мрежа.
„Оваа електроенергетска врска со Албанија ќе значи и многу за регионалниот пазар на електрична енергија. Регионот на Југоисточна Европа се движи кон една нова, модерна енергетска реалност – поврзаност, размена, флексибилност. Македонија мора да биде дел од тие процеси, а денешниот проект токму тоа ни го овозможува. Со оваа интерконекција, ние ја затвораме последната отворена точка во нашата преносна поврзаност со соседите“, нагласи министерката.
Таа додаде дека со оваа интерконекција, Македонија и Албанија заедно го потврдуваат своето партнерство, не само во економијата, туку и во електроенергетиката.
Со изградбата на 400 киловолтниот далекувод Битола-Елбасан Северна Македонија и Албанија добиваат нова, силна и стратешка електроенергетска врска, која ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето, ќе ја зголеми стабилноста на преносниот систем и ќе отвори нов простор за подлабока интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар. Тоа го истакна денеска генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи на означувањето на почетокот на изградбата на 400 киловолтниот далновод од ТС „Битола 2” на граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница.
На настанот на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, албанскиот министер за енергетика и инфраструктура Енеа Каракачи, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау и претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, тој нагласи дека со оваа интерконекција се затвора последната енергетска алка на Паневропскиот коридор 8.
„Овој проект не е изолиран потег. Тој е дел од пошироката стратегија на МЕПСО за развој и модернизација на националната преносна мрежа“, рече Љатифи.
Најави дека Владата работи и на други клучни правци за зајакнување на врската со Грција, нова интерконекција кон Косово, развој на 400 киловолтната мрежа во Западна Македонија, како и нов правец кон Бугарија.
Албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Енеа Каракачи порача дека започнувањето на изградбата на 400 киловолтниот далекувод Битола-Елбасан е интерконективна линија меѓу Албанија и Северна Македонија, која е заедничка инвестиција и значи безбедност и развој.
„Проектот за 400 киловолтната линија Елбасан-Битола претставува една од најзначајните алки на енергетскиот коридор Исток-Запад, како дел од Коридорот 8. Тој затвора историски јаз во регионалната мрежа и создава директна врска меѓу нашите енергетски системи, овозможувајќи ни неограничена размена на електричната енергија и значително зголемување на сигурноста на снабдувањето во двете земји. Оваа линија не е само билатерален проект, таа е дел од поширока визија дел од енергетскиот Коридор 8, кој ги поврзува Бугарија, Северна Македонија, Албанија и понатаму Италија. Преку овој Коридор градиме нов енергетски мост меѓу Истокот и Западот на Европа“, рече Каракачи.
Тој истакна дека во Албанија се постигнати веќе 80 отсто од градежните работи на оваа енергетска линија.
Заменик шефот на делегацијата на ЕУ во РСМ, Бен Нупнау порача дека запачнувањето на овој проект се случува во време на големи глобални неизвесности, а денеска повразноста и соработката меѓу партнерите се поважни од кога да било, со цел да се надминат се поголемите предизвици.
„Пред пет години почнавме со изградба на трафостаницата-Охрид дел од овој електро-енергетски прстен. Во меѓувреме се случија многу работи, производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија значително се зголеми и останува приоритет на агендата. Но, тоа што навистина доминира во дебатата е самиот пренос на електричната енергија. Модерните електро-енергетски мрежи се од суштинско значење за енергетската сигурност и за оставрување на нашите климатски цели. Нивната изградба се поддржува преку различни инструменти, како што се Европскиот зелен договор и Планот за раст за Западен Балкан – рече Нупнау.
Овој проект, како што нагласи, поддржан од ЕУ, со грант од над 14 милиони евра во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан и во тесна соработка со ЕБОР ќе создаде нова ефикасна енергетска инфраструктура, со што ќе придонесе кон остварување на целта на Европа за климатска неутралност до 2050 година.
Заменик директорот на ЕБОР шеф за Северна Македонија Фатих Туркменоглу посочи дека оваа инвестиција е значајна пресвртница во изградбата на електроенергетска интерконекција меѓу две соседни земји, а за овој стратешки проект ЕБОР има обезбедено заем во износ од 37 милиони евра за МЕПСО и како што рече мобилизираше дополнителен инвестициски грант од 12 милиони евра преку инвестициската рамка за Западен Балкан.