Втор ден собраниска расправа – ќе има или ќе нема попис?
Пратениците во Парламентот денеска ја продолжија расправата по Законот за попис, при што и оние од владејачките мнозинство и од опозицијата останаа на ставовите што ги најавија нивните матични партии. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно изнесуваа ставови зошто треба да се повлече Законот и да се одложи пописот, додека оние од СДСМ и другите владејачки партии останаа на тврдењата дека нема да има злоупотреби и дека попис ќе има.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова смета дека Законот за попис на населението е со низа недоследности и во него не се вметнати регулативите и стандардите на Европската Унија и Евростат, а истовремено, според неа, се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство. Насловот на Законот, смета Силјановска Давкова, не соодвествува со она што ќе се попишува.
– Слушам на телевизија, не во текот на расправата, од директорот како зборува на Алсат за резидентно население, за нерезидентно население, но го препрочитав неколку пати законот и не можам да видам таква класификација. Веројатно ќе биде во методологијата, но и неа ја нема и ќе ја добиеме еден месец по донесувањето на законот, па ве упатувам на други искуства да видите како методолошките упатства се заедно во пакет со законите, со сериозни објаснувања, со сите инструменти на тајмингот на роковите и слично, рече Силјановска Давкова.
Според неа, потребно е серизно образложение за тоа како ќе се спроведе пописот за да нема недоверба во процесот.
Силјановска Давкова оцени дека „повторно се злоупотребува европското знаменце’ на некој закон, додавајќи дека во изминатите два месеци речиси 20 закони што биле донесени биле со европско знаменце.
– И јас се чудам зошто не добиваме почеток на преговори на таква фантастична европеизација во ова Собрание, рече Силјановска Давкова.
Пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ реплицираше дека методологијата не е опфатена со законот, бидејќи е професионален дел и со закон не може да се регулира. Што се однесува до попишувањето на дијаспората, Адеми истакна дека поаѓајќи од фактот што дијаспората дава постојана економска и политичка поддршка на матичната држава и имајќи го предвид нивниот придонес, „не можеме да развиваме процес што не соодветствува со реалноста.
Силјановска Давкова возврати дека пописот треба да ја утврди реалната слика. –Население, се мисли резидетно население. Зошто? За да планирате економија, за да планирате социјална заштита, здравство, образование, политика треба да ги знаете потребите на луѓето и структурата овде, рече пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ние, додаде таа, треба да имаме увид колку наши граѓани живеат во дијаспората, но зборуваме за статистика.
Лидија Тасевска од СДСМ истакна дека Законот за попис на населението, домаќинставата и становите во 2021 година е многу важен закон и оти со податоците од пописот ќе се креираат развојни политики, макроекономски планирања, нучни и други истражувања и статистички операции.
Според неа, Република Северна Македонија има недостаток од квалитетни статистички податоци, а со овој закон се овозможуваат услови за независна статистичка операција. Таа нагласи дека пописот ќе се спроведе строго професионално, а ќе биде реализиран од Државниот завод за статистика.
Тасевска демантираше дека ќе се попишува само со давање на матичен број, потенцирајќи дека ќе се прават споредби со базите на податоци на повеќе институции.
Собраниската расправа за Законот за попис 2021 продолжува по редовната пауза од еден час.