Врвулици луѓе во скопската чаршија на +40 степени Целзиусови

Скопје „гори“ на температури од над 40 степени Целзиусови, но Старата скопска чаршија е полна луѓе. На пладне, тесните чашриски улички ги врват бројни намерници. Дел од нив туристи, дел наши граѓани, кои летниот одмор го поминуваат во татковината, а наскоро ќе се вратат на својот живот, некаде преку границите.
Покрај препораките од надлежните, да не се излегува надвор од 11 до 17 часот, на пладне чаршијата е посетена, но сите само шетаат, разгледуваат, купувата по нешто и ја поминуваат. Бројните масички од чајџилниците, кафулињата, слаткарниците и ќебапчилниците се празни. Никој не може да седне ни половина час на столиците, под врелото скопско сонце.
Најпосетени се менувачниците, затоа што ретко некаде низ скопската чаршија може да се плати со картичка.
Со светла облека, во патики, сандалки или влечки, со шешири на главата или без: шаренило од луѓе, а има и такви кои несоодветно се облекле, па шетаат во долги пантолони и со патики посоодветни за искачување на Водно, а не за прошетка низ чаршијата.
Сепак, повеќето ов нив бегаат на страната под сенка, сончевата страна е пуста. Платната распнати меѓу чаршиските дуќани, не можат да се изборат со жешкото сонце и да понудат заштита подолго.
Низ неа се денеска се прошетаа и волонтерите кои помагаат во најдобар ред да се одржи Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, на кој има учесници од 48 европски земји.
Не секој издржува на врелите чаршиски плочки да оди достоинствено. Се разладуваат не со лимонада, чај или кафе, туку со вода од чешмите, кои за чудо, леат студена вода.
Но, овој човек, влезе до колена во фонтаната, иако на себе ставил и сако.
И на 42 степени Целзиусови, Скопје живее.
Фото: Б. Грданоски