Врвни дела од визуелните уметности во Чифте амам – медиумска обиколка на изложбата „Остен биенале Скопје 2024 и 80 години Остен“

Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција во Скопје, денес, организираше приватна обиколка за медиумите на изложбата „Остен биенале Скопје 2024 и 80 години Остен“, во чест на грчките добитници на наградите: Тодорис Трампас доби посебно признание од жирито, Пантелис Цацис ја освои наградата „Златен Остен“, додека пак групата Баф освои посебна награда од Остен за групно претставување за нивното дело – инсталација насловено„Сенката на светилникот“.
Водич на обиколката беше Корнелија Конеска, извршен директор на Остен. Конеска истакна дека грчките уметници и Остен негуваат пријателски односи и нагласи дека грчките уметници често формираат групи за да учествуваат на настаните на Остен, што доведува до создавање на мост кој со години ги обединува Грција и Северна Македонија.
Симболично, на изложбата која свечено беше отворена на 6 февруари, во НГ „Чифте амам“, изложуваат 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично дојдоа во Скопје од различни страни на светот да ги примат наградите. Селекцијата на уметници ја изврши Корнелија Конеска , жирирањето беше спроведено од страна на Меѓународно жири во состав: Бруно Кора од Италија (претседател), и членовите д-р Пик Кеобандит од Белгија и Маја Колариќ од Србија.
Киро Урдин покрај автопортретот на Микеланџело Пистолето, кој доби Гран-при за животно остварување
Наградите што ги доделува Советот на амбасадори на Остен ги понесоа Микеланџело Пистолето (1933-) ГРАН ПРИ за животно остварување и Вангел Наумовски – наградата Светско културно наследство. Во соработка со САВУ (Светска асоцијација на визуелни уметности), доделени се наградите: „Уметник на светот“ на Киро Урдин, „Рембрант“ за извонредност во уметноста на Жан Богосиан од Белгија, „Балкански уметник“ на Данчо Ордев и многу други.
Пистолето е италијански уметник (сликар, уметнички акции, објекти) и теоретичар, еден од основачите и главен протагонист на Арте повера, радикално италијанско уметничко движење од минатиот век, чии уметници истражуваа низа неконвенционални процеси и примена на нетрадиционални „секојдневни“ материјали.
Вангел Наумовски се смета за еден од најголемите македонски ликовни уметници кого теоретичарите го вбројуваат во редот на самоуките надреалистички сликари, сосем пригодно да се оддаде почит на неговото творештво по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924 – 2006) и 100-годишнината од надреализмот (1924 – 2024).
Меѓународното жири додели три први награди: за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија на Павол Трубен од Словачка; за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија; за фотографија, видео, мултимедија на Филип Јовески од Македонија.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 9 март 2025 година.
„Остен“ е основано во 1945 година како хумористично и сатирично списание од областа на уметноста, слободната мисла и слободното творештво. Преку Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж низ годините биле презентирани уметниците од светот. (Л.С.)