Врховен суд контра Основниот суд Битола во случајот со одмрзнувањето на имотот на „Руд-Коп“ за бизнисите во РЕК „Битола“


 

БИТОЛА – Врховниот суд на Македонија донесе пресуда со која се уважува барањето за заштита на законитоста на јавниот обвинител од Битола поврзана со замрзнувањето на имотот на битолската фирма „Руд-Коп“ сопственост на битолскиот бизнисмен Кирил Билјановски, која копаше јаловина во РЕК „Битола“ за време на СДСМ и директорувањето на Пеце Матевски во 2022 година.

Во овој случај Врховен укажува дека било донесено незаконско решение од страна на Основниот суд Битола.

Во одлуката на Врховен суд пишува –„Се утврдува дека со решението на Основен суд Битола КС 20/25 од 6 мај 2025 година, сторена е повреда на член 202 од Законот за кривичната  постапка во корист на осомниченото правно лице Друштво за производство трговија и услуги ‘Руд-Коп’ увоз извоз Битола“.

Едноставно кажано, Врховен суд одлучуваше дали е законски тоа што откако претходно судија на претходна постапка од Основен суд Битола по барање на ОЈО Битола изврши замрзнување на средства во износ од 3 милиони евра како непосредна имотна корист од извршено кривично дело, Кривичниот совет на Судот во Битола ги одмрзна тие средства. Тоа се случи истиот ден кога ОЈО Битола предложи притвор за инволвираните во случајот, и тоа постапувајќи по предлог на правното лице на чија сметка се наоѓаат тие парични средства.

Всушност Судот во Битола го одмрзна имотот по барање на полномошникот на правното лице – сопственик на средствата, иако законски таква можност не постои. Законски е –„единствен кој може да предложи определување и привремени мерки за одземање имот и имотна корист заради обезбедување и да го обезбеди најсоодветниот вид на тие мерки е овластениот тужител, но не и осомниченото правно лице или друго заинтерсирано лице како што било во конкретниот случај“.

Имено, на 14 февруари лани судијата на претходна постапка го уважи предлогот на обвинителот за замрзнување на парични средства од фирмата на битолскиот бизнисмен Билјановски, поради сомнение дека биле предмет на кривично дело.

Интересно во овој предмет е како потоа Кривичниот совет на Основен суд Битола носи, па преиначува одлуки по жалба на наведеното правно лице.

Како што пишува Врховен суд во пресудата бранителот на правното лице „Руд-Коп“ ДООЕЛ Битола, адвокат Игор Петковски од Битола до Судот –„поднел предлог за укинување на определената привремена мерка заради обезбедување на имот-замрзнување на парични средства кој со решение на судијата на претходна постапка на Основен суд Битола од 17.03.2025 е одбиен како неоснован“.

Незадоволна од ваквото решение одбраната на „Руд-Коп “ пак се жали до Кривичниот совет на Основен суд Битола кој носи ново решение на 6 мај.

Во новото решение според Врховен се вели  – „Кривичниот совет на Основен суд Битола  по изјавената жалба донел решение кое под став 1 жалбата ја уважил и решението на судијата по претходна постапка го преиначил на начин што предлогот на бранителот на осомниченото правно лице „Руд-Коп“ за укинување на привремената мерка заради обезбедување на имот – замрзнување на парични средства го уважил и определената привремената мерка ја укинал“.

Понатаму во истото решение под став 2 Кривичниот совет спрема бизнисменот Кирил Билјановски од Битола определил привремени мерки – забрана на „Руд-Коп“ и Кирил Билјановски –„да отуѓува, става под хипотека и на друг начин да располага со недвижен имот.“  Притоа определил дека мерката ќе трае најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд“.

По ова Врховниот суд наведува дека „Со побиваното решение судот ја укинал претходно определената привремена мерка – Замрзнување на парични средства во износ од 178.370.320.00 денари како непосредна имотна корист прибавена од кривично дело…и определил нови привремени мерки кои одбраната ги предложила иако согласно важечките законски одредби таква можност немала“.

На 6 мај лани Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против седум лица кои незаконски ѝ овозможиле екстра заработка од 178.370.320 денари на фирмата „Руд-Коп“ Битола за ископ на јаловина во рудникот Брод-Гнеотино на РЕК „Битола“.

За овој случај во тек е судска постапка во Основен суд Битола, започна лани есента, а следното рочиште е во април. (А.Б.)