Времен сообраќаен режим во Скопје поради снимање филм
Од 11 до 14 часот денеска во Скопје ќе има времен прекин на сообраќајот на улицата „Даме Груев“, од 14 до 18 часот на ул.„Димитрие Чуповски“, кај автобуската постојка спроти Театарот за деца и млади и од 14 до 17 часот на бул. „ВМРО“ на автобуската постојка пред Пошта на Северна Македонија.
Како што соопшти МВР, времениот сообраќаен режим во централното градско подрачје е поради снимање филм, а привремен прекин на сообраќајот од истата причина ќе има и утре, задутре и во понеделник.
Утре од 14 до 17 часот ќе има времен прекин на сообраќајот на булевар „ВМРО“ на истата локација и во времето од 20 до 23 часот на бул.„Партизански одреди“ (кај првата автобуска постојка од страна на хотел „Дувет“ до пред улицата „Аминта Трети“) во Скопје.
Во недела и понеделник од 17 до 1 часот по полноќ часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ од паркинг и автобуска постојка пред влезот на ТЦ „Рамстор“ до НЛБ Банка.
Од полицијата информираат дека ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот на овие сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.