Време на креативност – студентите на моден дизајн од ТМФ со силна порака на завршната ревија (галерија)


„Време“ беше темата на 24. традиционална завршна модна ревија на студентите од Институтот за текстилно инженерство од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје (ТМФ), под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, што синоќа беше презентирана во Скопје, во присуство на бројни гости од јавниот живот и дипломатскиот кор. 

Публиката беше многубројна и поради прославата на 65-годишнината од основањето на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, па одбележувањето на јубилејот и на креативноста на сегашните и завршените студенти собра уважени гости како претседателката Гордана Силјановска- Давкова, ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова  и Радмила Кипријанова, декан на ТМФ во Скопје (во два мандати) и ректор на УКИМ (во два мандати).

Ревијата годинава беше и еден вид перформанс, преку кој идните дизајнери се обидоа да пренесат силна порака. Моделите ги носеа манекенки од модните студија „Подиум“ и „Црнокрак“.

Какви креации презентираа студентите од Институтот за текстилно инженерство на ТМФ и завршените студенти кои веќе го најдоа својот креативен пат ? 

(Не) бевме изненадени од идеите, иновативноста и модната порака што ја испратија.  Иако не се воздржуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, генерациите кои доаѓаат сепак го преферираат човечкиот контакт .  

Тие го истражуваа поимот време како континуум, река која постојано тече и со себе го носи наследството од минатото низ патеките кон иднината. Приказната за влијанието на времето врз модата, ја доловува нејзината суштина низ дијалогот на бои, текстури и форми. Со изработка на уникатни дизајни, студентите ги пренесоа нивните различни толкувања – некои креации се инспирираат од елеганцијата на минатото, со оригинални детали и ткаенини, додека други гледаат кон иднината, прикажувајќи иновативни силуети кои ги симболизираат безграничните можности на утрешницата. Дизајните ги одразуваат моментите на транзиција, каде што старото се среќава со новото, отелотворувајќи го трансформативниот дух на креација што го дефинира нашиот факултет.
 
Завршната модна ревија на студентите од Институтот за текстилно инженерство од ТМФ беше под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева која ја поздрави публиката во фонот на песната „Happy Birthday“

Модата ја доловува суштината на времето, рефлектирајќи изгледи од различни ери и предвидување на идните трендови. Дизајнерите често се осврнуваат кон минатото за инспирација, па цикличната природа на модата покажува како таа не се движи линеарно, туку спирално, па старите стилови се постојано реобмислени. Оваа интеракција на минатото, сегашноста и иднината во модата го истакнува времето како динамичен концепт кој постојано се развива и каде коегзистираат историјата и иновациите.

Времето, во своите различни манифестации, останува длабок и повеќеслоен концепт. Во квантната физика, тоа го предизвикува нашето разбирање за реалноста; во модата, инспирира креативност и континуитет; во технологијата, ги поттикнува иновациите и напредокот; и како општествен конструкт, го обликува нашиот секојдневен живот и културните практики. (Л.С.)