„Време е за чај“, од 14 до 17 ноември во Скопје Сити Мол
Со слоганот „Време е за чај“, од 14 до 17 ноември на приземјето во Скопје Сити Мол, ќе биде отворен голем „Фестивал на чај“, на кој ќе се претстават 30-тина учесници. Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „ Експедиција Природа“ и Скопје Сити Мол.
На четиридневниот фестивал, посетителите ќе имаат исклучителна можност да дегустираат и купат чаеви, продукти од ароматични билки, есенцијални масла и повеќе да дознаат за добрината на природата, традицијата, културата и моќта на лековитите билки.
Вистински куриозитет на фестивалот ќе биде едукативната трибина, разиграна со работилниците: „Фитоклиника“, „Wellness Фитоарома терапија – face yoga“, церемониите на чај презентирани од турскиот Институт „Јунуз Емре“ и кинескиот Институт „Конфуциј“ при УКИМ.
Со едукативно катче ќе се претстави и „Ботаничката градина“ при ПМФ од Скопје и студентите од ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), кои ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Во научното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариум и инсектариум и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња.
Во уметничкото катче „Градина“, децата ќе имаат прилика да уживаат во сликањето заедно со уметницата Сања Јовановска.
Фокусот на фестивалот е автентичноста која ни ја дава природата преку билките, природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапунчиња, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, шумски плодови, путери и масло од лешници и мармалади. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед и козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки.