Вредноста на еврото и на германските акции порасна по победата на конзервативците во Германија

Вредноста на еврото и на германските акции доживеа скок откако конзервативците прогласија победа на изборите во Германија. Со тоа централно-десните партии во најголемата европска економија се на пат кон формирање коалиција, иако оптимизмот опадна поради можните сложени преговори за економската политика, пренесува Ројтерс.
Фридрих Мерц е на пат да стане следниот германски канцелар откако ЦДУ/ЦСУ победија на парламентарните избори. Мерц се чини ќе треба да формира т.н. голема коалиција со владејачките социјалдемократи, иако тие паднаа на трето место зад крајно десничарската АФД.
Еврото порасна на едномесечен максимум од 1,0528 долари, пред да падне и да се тргува со 0,22 отсто раст на 1,0481 долари.
„Иако Мерц изгледа решен да ја ублажи т.н. „кочница на задолжувањето“, која го ограничува растот на заемите на годишно ниво од 0,35% од германското БДП, тоа нема да биде едноставно бидејќи ќе му биде потребно двотретинско мнозинство во парламентот“, изјави Сузана Стритер, шеф за финансиски пазари во Hargreaves Lansdown.
Во меѓувреме, германскиот индекс DAX (.GDAXI) порасна за 0,73 отсто, додека паневропскиот индекс STOXX 600 (.STOXX) се зголеми за 0,19 отсто, иако акциите на технолошките компании забележаа пад.
Германските коалициски преговори започнуваат, а лидерите на ЕУ треба да одржат вонреден самит на 6 март за да разговараат за дополнителната поддршка за Украина и финансирањето на европските одбранбени потреби.