„Вреди“ ќе има кандидат за градоначалник на Скопје


Фото: Б. Грданоски

 

Коалицијата „Вреди“ ќе има кандидат за градоначалник на Град Скопје, како и за Општина Чаир, во Струга ќе го поддржи независниот кандидат Менди Ќира, додека за другите општини при крај се анализите и разговорите, и се очекува наредната недела да бидат објавени имињата на кандидатите, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити.

На новинарско прашање дали наредната недела ќе биде официјализирана неговата кандидатура за градоначалник на Општина Чаир, Меџити кусо одговори дека ќе бидат официјализирани сите кандидатури. 

Во врска со коалицирањето во некои општини со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Меџити индиректно потврди дека тоа ќе се случи, но не кажа на кој начин, замо рече дека тоа нема да биде ништо ново, бидејќи од деведесеттите до сега секогаш владините партнери се помагале. 

„Ништо ново, како од деведесеттите до сега во плурализмот секогаш владините партнери се помагале и ќе се помагаат, како што и опозициските партнери ДУИ, Левица, СДСМ очекувам дека ќе се помагаат“, рече Меџити по потпишувањето на договорите за проекти финансирани преку инвестициските програми на Министерството за животна средина.