ВРЕДИ: Европскиот фронт на ДУИ се распаѓа


Коалицијата ВРЕДИ тврди дека ДУИ ја доживува најголемата политичка ерозија од формирањето на т.н. „Европски фронт“.

-Две од најзначајните партии што на парламентарните избори беа дел од оваа коалиција, Демократската партија на Турците (ДПТ) и Демократската партија на Албанците (ДПА) веќе не се со ДУИ. На 14 август 2025, ДПТ официјално објави дека турската партија ја напушта коалицијата „Европски фронт“ и дека на локалните избори на 19 октомври нема да настапи со ДУИ. Оваа одлука значи дека турската заедница, која во март 2024 година беше вовлечена во фронтот на Али Ахмети, сега се дистанцира и избира свој пат.

Само еден ден подоцна, на 15 август 2025 ДПА јавно соопшти дека преговорите со Али Ахмети пропаднале и дека ДПА нема да настапи заедно со ДУИ, ниту ќе биде дел од било каков заеднички договор. Со тоа, и една од постарите албански политички партии реши да ја напушти сцената на ДУИ.

Ова се факти кои покажуваат ДУИ губи поддршка од партиите што ја носеа на парламентарните избори. Веќе е јасно дека ДУИ ниту може да обедини, ниту може да победи.Од ДУИ бегаат сите кои не се уценети од Али Ахмети, сите кои не сакаат да бидат во друштво на корумпирани политичари и сите кои не сакаат да бидат дел од погрешната политика.ДУИ одамна го изгуби кредибилитетот кај граѓаните, а сега го губи и меѓу своите партнери. „Европскиот фронт“ кој се продаваше како обединувачка сила, денес е симбол на распад, недоверба и политичка слабост, порачаа од ВРЕДИ.

Од ДУИ оак ги прашаа што остана од големото пропагандно ветување на коалицијата ВРЕДИ за 10.000 евра за секој граѓанин на нашата држава?

-По една и пол година власт, во пресрет на локалните избори, граѓаните сè уште не видоа ниту еден цент од оваа гласна најава. Наместо резултати, секојдневно гледаме докази за внатрешни поделби и меѓусебни обвинувања за корупција меѓу раководството на оваа коалиција. Тоа јасно покажува дека ветувањата не беа дадени за граѓаните, туку за тесни политички и лични интереси. Билансот на измамите на ВРЕДИ е:
• Ветија 2.500 вработувања, граѓаните завршија со нула.
• Ветија 10.000 евра за секој граѓанин, граѓаните завршија со нула.
• Ветија Албанска академија на науките, го донесоа Додик.
• Ветија албанска банка, ја донесоа српската банка.
• Ветија уставни измени и европска интеграција, го донесоа српскиот свет.
• Ветија национални програми, го донесоа српскиот МТЕЛ.

ВРЕДИ е голема политичка измама која скапо ги чини Албанците: од горди, достоинствени, до понижени и исклучени, возвратија од ДУИ.