Вреди смета дека Даути глуми жртва, Левица дека покажала интегритет со оставката-


Со оставката што ја поднесе, Илире Даути глуми жртва. Самата се разреши за да биде виктимизирана зашто тоа е единствената улога што знае најдобро да ја одигра. Но, тоа не може да ја спаси од каењето по обидот да помогне во блокирањето на законот за бранителите, оцени попладнево пратеничката група на Вреди.

Како што рече Имерлије Салиу-Фетаи од Вреди на прес-конференција, ако Даути не е способна и нема потенцијал да ја води Комисијата за социјална политика, демографија и млади, најдобро е да поднесе оставка и од Собранието.

„Оставката е признавање слабост и показател за неодговорност. Претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади денеска, заедно со целиот Европски фронт, со прифаќањето на оставката изрази жалење што помогнале да се блокира законот за бранители, иако главниот товар за оваа блокада го понесе првиот човек на Собранието, Африм Гаши, кој доби кривична пријава од Левица за покажаната решителност во блокирањето на овој преполовен закон предложен од опозицискиот партнер на ДУИ, распарчениот СДСМ. Решиле да ги остават Вреди и Гаши сами во оваа битка, но тоа воопшто не ја расипува работата зашто, како што ја почнавме оваа битка одделно, така и ќе ја продолжиме“, рече Салиу-Фетаи.

Според неа, на Албанците не им требаат пратеници на кои им недостига храброст и единственото решение за нив е оставка.

„Можеби во ДУИ или во Речица оваа ваша постапка ќе биде наградена, зашто точно одговара на политиките на оваа нон грата-партија. Кукавици, неодговорни, лажговци, лажни жртви, бесрамни. Додека сами се разрешувате, ќе му олесните на народот на следните избори целосно да ве искорени од јавната сцена. Вреди ќе продолжи достоинствено, со одговорност и професионалност во заштитата и унапредувањето на правата на Албанците“, истакна Салиу-Фетаи.

Таа потсети дека пратеничката група на Вреди гласаше против интерпелацијата на Илире Даути.

Даути денеска поднесе оставка од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, а Собранието ја констатираше оставката. Претходно, во петокот, пратениците ја изгласаа интерпелацијата на Даути што ја поднесе Левица. За интерпелацијата гласаа ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, партиите на Албанците беа „против“, а СДСМ ја напуштија седницата.

Ставот на Левица во врска интерпелацијата и констатираната оставка на Даути го соопшти нивниот пратеник Сашко Јанчев, кој на прес-конференција во Собранието посочи дека станува збор за прва успешна интерпелација во историјата на законодавниот дом.

Од Левица го поздравија и ѝ честитаа на Даути за потегот со кој, како што рече Јанчев, таа покажала интегритет.

„Самата интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за нејзино разрешување од страна на пленумот, но ние намерно не покренавме веднаш постапка преку Комисијата за избори и именување за нејзино разрешување, туку оставивме неколку дена сама да се повлече и да си даде оставка, што на крај се случи. Ова е прва ваква успешна интерпелација од ваков тип во историјата на Собранието на Република Македонија. Левица и понатаму останува на браникот на државните интереси, уставноста и законитоста“, рече пратеникот на Левица.

Прашан што доколку опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, повторно ја предложи Даути за претседател на Комисијата, Јанчев рече оти не гледа логика во евентуален таков потег, откако таа веќе си поднесе оставка.

„Јас мислам дека таа денес покажа интегритет и дека на такво нешто нема да се нафати“, рече тој.

Пратеникот на Левица, дополнително посочи дека сè уште чекаат да им биде доставен заклучокот од Гаши за изгласаната интерпелација на Даути, додавајќи дека откочувањето на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади е во негови раце.

„Тој има деловничко право да свика седница по овој закон (за бранители) и да назначи некој само по таа точка што ќе ја истера комисијата до крај, ќе ја откочи процедурата за Законот за бранителите“, рече пратеникот на Левица.