Враќање во детството: 200 илустрации на книги од Димитар Кондовски на изложба во Мала станица
Илустрациите на книгите како „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“, се дел од 200-те илустрации од големиот ликовен уметник Димитар Кондовски (1927-1993), еден од доајените на македонското сликарство, кои ќе бидат изложени в среда во Мала станица, на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера.
Со својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство.
Софија Семенпеева, директорка на агенцијата „Ефектива“ и организатор на фестивалот и уметникот Урош Вељковиќ кои ја подготвуваат поставката, велат дека опусот на илустрации на Кондовски е навистина огромен и со оглед на тоа што се работи за прва ретроспективна изложба на овој голем уметник, нивна цел е да се изложат што е можно повеќе дела.
Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, па така посетителите ќе имаат можност да прошетаат“ низ она што го тој го создавал во текот на неколку децении, почнувајќи 1950-те па сѐ до 1980-те години на минатиот век.
Вељковиќ вели дека селекцијата на делата било возбудливо инспиративно доживување за тимот на Литера. „Се чувствувавме како да имаме времеплов и да патуваме низ времето. Всушност, токму тоа е најголемата вредност на оваа изложба. Различни генерации луѓе ќе можат да се навратат во минатото и да уживаат во илустрациите со кои растеле“, велат тие.