Врачена наградата за „Роман на годината“ на Калина Малеска (фото)

Романот „Светот што го избрав“ на писателката, професорката и книжевната преведувачка Калина Малеска (1975), во издание на „Или-или“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

Покрај плакета и статуетка, Малеска доби и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје, веќе осма година по ред.


Во најтесниот избор за една од најпрестижните признанија во домашната книжевност , годинава влегоа и двата романи : „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“), и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).

Лауреатката Малеска, цитирајќи го Дикенс, им се заблагодари на членовите на комисијата што од пристигнатите и прочитани, анализирани, дискутирани и селектирани 43 романи, најнакрај го одбраа „„Светот што го избрав“ за Роман на годината, како и на личностите во нејзиниот живот и работа заради кои продолжува да твори.

„Оваа награда без дилема е своевиден трофеј за литературните дејци во земјава. Изборот „Роман на годината“ е вистински празник за македонското литературно творештво и затоа Комерцијална банка е навистина горда на својот придонес не само за одржување на оваа манифестација, туку и на вредностите и стандардите што ги наметна. Им посакуваме на авторите и на Фондацијата и понатаму да ја бранат македонската литература“, истакна синоќа на врачувањето, м-р Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка.

Малеска работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.