Вработувања без балансер од декември


Навалица за вработување нови административци се очекува веќе на почетокот од декември за кога Агенцијата за администрација најавува дека ќе заврши надградбата на софтверот за конкурсите за работа, со цел да бидат објавени без графата за етничка припадност. И министерот за јавна администрација Горан Минчев потврди дека на конкурсите за вработување во јавната администрација единствен критериум ќе биде стручноста и знаењето, откако Уставен суд го укина „балансерот“ односно алатката за вработување во јавната администрација по етнички клуч, сè додека Владата не подготви закон за правична застапеност.

– Објавена е постапка за јавна набавка со директни преговори по добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки. Софтверот ќе го надградува истиот економски оператор зашто тој ги има авторските права. Работите се во тек и можно е и пред 1 декември да заврши надградбата на софтверот и да почнат огласите за вработување во јавната администрација. По одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот, софтверот се приспособува во делот на огласите за вработување на административците, односно ќе се тргне графата за етничка припадност на заедниците. Фирмата бараше повеќе време за надградба на софтверот, но бидејќи станува збор за јавен интерес, ќе го забрзаат процесот – велат од Агенцијата за администрација.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев потврди дека корекцијата на софтверот е во тек и повтори дека конкурсите што почнале пред укинувањето на балансерот ќе се довршат, како и огласите што се без балансер за институциите што немаат обврска за вработување по етнички клуч.

– Во периодот додека нема законско решение за правичната застапеност, огласите продолжуваат врз база на знаење. И повторувам, со ова законско решение не треба да се брза. Мора да биде квалитетно, применливо и да има вистинска имплементација. Но, најважно од сè е со новиот закон да нема злоупотреби, затоа што чуму е правичната застапеност ако тие што се примаат, немаат соодветен квалитет и не можат да одговорат на услугите кон граѓаните. Последниот податок за правична застапеност, а тоа е пресекот од извештајот на Министерството од 2023 година, кажува дека етнички Албанци во јавната администрација има меѓу 22 до 23 проценти, а на сите други заедници е во односот од 5 до 7 проценти. Што значи, балансот на правична застапеност во институциите е веќе присутен. До новото законско решение огласите течат врз база на знаење – рече Минчев.

Тој информира дека работната група составена од експерти веќе го подготвува законот за правична застапеност. Експертската група нотира, сугерира, забележува и можеби дава предлози за новото законско решение. Нацрт-предлогот ќе биде доставен до Венецијанската комисија и потоа како законско решение би бил финализиран. Минчев потенцира дека важно е законот да не биде закон што евентуално би претрпел укинување членови или одредби од Уставниот суд.