Вработените во пералната на Клиничкиот центар не зеле плата од декември

Вработените во пералната на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кои велат дека не зеле плата од декември, во знак на револт прекинаа со работа, објави „Канал 5“.
„Од декември немаме земено плата, чекаме секој ден. Денеска протестираме и не примаме чаршафи, само зелени зошто тоа треба за операции и не можеме така да оставиме“, велат вработени од пералната за телевизијата.
„Службата за општи и заеднички работи треба да ни плаќа надомест – нешто кое доцни повеќе од половина година. Ние како компанија имаме исплатено плати за сите вработени заклучно со 31.12.2024 година, а за остатокот правиме напори да го финансираме од сопствени средства“, велат во изјава од компанијата „СкопСтер“ за „Канал 5“.
Од Службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар велат дека ѝ исплатиле на фирмата повисока сума пари во декември и дека со тоа биле задоволени потребите за исплата на платите и здравственото осигурување на вработените во пералната. Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека веднаш ќе се разгледа и ќе се реши овој проблем.
„Веќе ме известија вработените од болниците за овој проблем и ќе разговарам со директорот за да го решиме“, вели Андовски.
„СкопСтер“ под концесија го зеде и делот на стерилизицаија и набавка на хируршки инструменти за Клиничкиот центар. Од фирмата велат дека повеќе од една година чекаат од Министерството за здравство да ги заврши административните процедури за да почнат активно да ги опслужуваат хируршките клиники со нови инструменти, потрошен медицински материјал и сите останати услуги.