Вработените во „Лукоил“ и компанијата во неизвесност, уште девет дена до санкциите
Македонските власти молчат, додека околните земји бараат решение за подружниците. Дали државата Македонија може да ги преземе бензинските пумпи?
Остануваат уште девет дена, до 21 ноември, кога ќе стапат во сила санкциите на САД против руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, а вработените во македонската подружница не знаат каква ќе биде нивната судбина. Барем јавно македонските власти не покажуваат заинтересираност за судбината на „Лукоил Македонија“ и 550-те вработени во компанијата. Прво се минимизираа американските санкции со тврдењата дека снабдувањето со нафтени деривати нема да биде нарушено бидејќи над 80 отсто тие доаѓаа од Грција. „Лукоил Македонија“ се снабдува со деривати од рафинеријата „Нефтохим“ на „Лукоил“ во Бургас, Бугарија.
Единствениот што досега даде каква-таква изјава за судбината на „Лукоил“ во Македонија е претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тој денеска изјави дека треба да му се даде шанса на „Лукоил Македонија“ и дека може да се снабдува со деривати од други земји.
„Имав средба со претставникот на ‘Лукоил Македонија’ и тој ќе ги преземе сите мерки за тие луѓе да не останат без работа. Значи, ‘Лукоил’ може и понатаму да работи и да обезбедува нафтени деривати. Досега, најголем дел обезбедувал од Бугарија, но може да обезбедува и од други земји, така што во тој дел треба да му дадеме шанса и понатаму да работи, не мора да се снабдува со деривати обезбедени од руски рафинерии“, рече Бислимоски.
Но Бислимовски не зборува за главниот проблем, затоа што и не е надлежен, а тој е што ќе се се случува со имотите на „Лукоил“ во странство (значи и во Македонија) и дали може да најде купувач за нив. „Лукоил“ во земјава има 40 бензински пумпи и 10 резервоари.
Прашањето е кој ќе биде сопственик на „Лукоил Македонија“ по 21 ноември. Ако и понатаму биде руската компанија, тогаш работењето на нејзината подружница во Македонија ќе биде под американски санкции. А ако се продава, кој ќе ја купи компанијата во Македонија, ако е во комплет со другите имоти во странство на рускиот гигант.
Во Бугарија преземаат трескавична акција да ги национализираат имотите на „Лукоил“, рафинеријата и бензинските пумпи, затоа што земјата е силно зависна од нивната работа. Македонските власти молчат и прашање е дали нешто прават да се реши проблемот со „Лукоил Македонија“.
Вчера рускиот гигант објави дека се повлекува од својата најголема странска аквизиција, нафтеното поле во Ирак, од каде се црпеше нафта слична по квалитет со руската и затоа можеше да се обработува во неговите рафинерии.
Откако САД одбија да ја одобрат продажбата на странските средства на „Лукоил“ на трговецот со нафта „Гунвор“ (претставен како марионета на Кремљ), компанијата не се соочува само со закана од губење на своите меѓународни средства туку и на рускиот бизнис. Во странските земји, властите би можеле да ги запленат нејзините рафинерии, бензински пумпи и нафтени полиња за да го обезбедат нивното работење, додека во Русија, Игор Сечин, долгогодишен сојузник на Владимир Путин и раководител на „Роснефт“, долго време го насочува вниманието кон „Лукоил“.
Без неговата меѓународна дивизија, која „Лукоил“ активно ја развива веќе две децении и ја претвора во ефикасен и профитабилен бизнис, перспективите на компанијата на рускиот пазар, доминиран од „Роснефт“, изгледаат исклучително ограничени.
„Сè во земјата се предава на ‘Роснефт’ и ‘Гаспром нефт’“, додека странскиот пазар е веќе затворен за „Лукоил“, изјави за „Фајненшел тајмс“ рускиот опозицискиот политичар Владимир Милов, кој беше заменик-министер за енергетика на почетокот на 2000-те.
„’Лукоил’ нема иднина во бизнисот. Крилата на компанијата се скратени“, додаде тој.
По неуспехот на договорот со „Гунвор“, странските играчи може да понудат да купат дел од средствата на „Лукоил“, кои се проценуваат на вкупно 14 милијарди евра. Сепак, неговите сопственици „веќе се подготвуваат за можноста нивните средства едноставно да бидат земени“ од властите на земјите во кои се наоѓаат, изјави за весникот руски познавач на нафтениот пазар. Исто така, постојат гласини дека државната компанија „Роснефт“ конечно би можела да ја добие контролата врз најголемата приватна нафтена компанија во Русија, со што ќе се заврши трансферот на поголемиот дел од нафтената индустрија во државни раце што се случи за време на Путин.
Според извори од руската енергетска индустрија, Путин постојано ги блокирал обидите на Сечин да ја преземе контролата врз својот ривал. Но, некои веруваат дека шефот на „Роснефт“ сега би можел да започне решителен напад.
Поранешен функционер на државна компанија изјави за „Фајненшел тајмс“: „Сечин никогаш не ја напуштил идејата да го преземе ‘Лукоил’. На секои неколку месеци им се обраќа на своите претпоставени со нов предлог. Но, досега, без успех“.
„Лукоил“ е вклучен во производствени проекти во Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Ирак, Египет и ОАЕ, како и во Латинска Америка, Западна и Централна Африка. Групата поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, мрежа на бензински пумпи во ЕУ, САД и на Балканот, комплекс за полнење гориво на авиони во Молдавија и компанија за трговија со нафта „Литаско“.
„Лукоил“ можеби нема да добие исплата за некои од своите средства. Во Ирак, каде што развива едно од најголемите нафтени полиња во светот, Западна Курна-2, со 75 отсто удел, „Лукоил“ прогласи виша сила откако владата ги суспендираше сите плаќања во готово и нафта.
Властите во Бугарија, каде што компанијата е сопственик на единствената и најголема рафинерија на Балканот, веќе одобрија закон што им дозволува да ја преземат контролата врз рафинеријата и да назначат привремен менаџер од причини поврзани со националната безбедност, забележува „Фајненшел тајмс“. Романската влада изјави дека темелно ќе ја разгледа секоја предложена продажба на средства за да обезбеди усогласеност со регулативите на ЕУ и енергетската безбедност.
За разлика од профитабилната и модерна бугарска рафинерија, романската е далеку помалку ефикасна и бара значителни инвестиции, па затоа можеби нема да најде купувач, забележува Ројтерс.
Романскиот министер за енергетика Богдан Иван изјави во вторникот дека владата мора да „ја преземе контролата“ врз локалните средства на „Лукоил“, вклучувајќи ја и нејзината мрежа на бензински пумпи и рафинеријата, „за да ги заштити работните места на 5.000 вработени и да ја обезбеди стабилноста и безбедноста на националниот енергетски систем“.
Во Молдавија, „Лукоил“ е сопственик на единствениот комплекс за полнење гориво за авиони и објект за складирање гориво на аеродромот во Кишињев. Властите побараа привремено ослободување од санкциите на САД и понудија да ги купат средствата на компанијата.
Само во Македонија владата и другите власти молчат за судбината на „Лукоил Македонија“ и за вработените. Дали и Македонија ќе се реши за државно преземање на овдешните средства на „Лукоил“ или ќе чека да се реши во пакет прашањето на странските имоти на рускиот нафтен гигант, не е јасно. За тоа нема никаква информација. И, што е најважано во блиска иднина – дали по 21 ноември ќе работат во Македонија бензинските пумпи на „Лукоил“ и со тоа да ги кршат американските санкции.
Според пресметките на „Фајненшел тајмс“ врз основа на финансиските извештаи на „Лукоил“, минималната вредност на средствата на нејзините странски подружници, каде што компанијата има контролни удели, е 14 милијарди евра (малцинските удели во вредност од дополнителни 6 милијарди евра не се предмет на санкции од САД). Потенцијалната загуба на овие средства би била најголема за која било руска компанија што е предмет на санкции од Западот како резултат на војната на Путин во Украина. (Н.В.)