Вработените во „Флораком“ и „Луна“ ќе ја добијат августовската плата


Стојанче Кашиковски, претседателот на СУТКОЗ, апелира до раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ веднаш да почне со правење напори за обезбедување средства за исплата на септемвриската плата, со цел овие вработени да не бидат повторно принудени да протестираат, барајќи да им биде исполнето нивното основно работничко право – исплата на плата
Вработените во „Флораком“ и во „Луна“, фирми ќерки на Јавното градско претпријатие „Паркови и зеленило“, ќе ја добијат августовската плата, информира денеска Стојанче Кашиковски, претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија (СУТКОЗ).

Според него, средствата за исплата на нивната августовска плата се префрлени на сметката на ЈП „Паркови и зеленило“, од каде потоа треба да им бидат исплатени.

Кашиковски апелира раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ веднаш да почне со правење напори за обезбедување средства за исплата на септемвриската плата за да не бидат принудени повторно овие вработени да протестираат, барајќи да им биде исполнето нивното работничко право за исплата на плата.

Исплатата на платите следува по седумдневните протести на вратените од „Флораком“ и „Луна“.

Утрово тие одржаа краток протест од еден час без блокирање на улиците, само пред влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје.

На 3 октомври вработените во „Флораком“ и во „Луна“ најавија дека повторно ќе излезат на протест доколку не ја добијат августовската плата.

Минатата недела одржуваа двочасовни протести на булеварот „Илинден“.