Вработените од „Флораком“ бараат исплата на платата за јуни, во спротивно најавија нов протест

Вработените од „Флораком“ која е фирма ќерка на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска одржаа протест пред влезот на јавното претпријатие и блокираа раскрсница на булеварот „Илинденска“ поради неисплатена плата за месец јуни и останати надоместоци. Тие изјавија дека доколку до 22 јули не им биде исплатена платата за месец јуни повторно ќе ја блокираат раскрсницата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски изјави дека по одржаниот протест на 10 јули се одлучиле за радикализација на нивните протести преку блокирање на влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ и „Флораком“. Тој рече дека вработените во „Флораком“ веќе подолг период се соочуваат со нередовна исплата на плати, не им е исплатено здравствено и пензиско осигурување.
– Се соочуваме со проблем поголем број од работниците кои се хронични болни да не можат и својата редовна терапија да ја земат. Покрај нашите писмени известувања, барања да се сретнеме со менаџментот за надминување на проблемот, за жал, нема слух од таа страна. На 10 јули кратко се видовме со менаџментот и беше ветено дека до 15 јули ќе биде исплатена плата за месец мај. За жал до 15 јули како што беше ветено таа не беше исплатена. После најавата за овој протест во текот на вчерашниот ден повторно под притисок беше исплатена една плата. За жал вработените од „Флораком“ ја немаат земено платата за месец јуни. Законскиот рок беше 15 јули, рече Кашиковски.
Покрај овие проблеми, посочи тој, вработените во „Флораком“, „Паркови и зеленило“ и „Луна“, фирма ќерка на „Паркови и зеленило“ ги немаат земено останатите надоместоци кои следуваат согласно Колективниот договор, односно не е испочитувана спогодбата за исплата на регрес за годишен одмор, не е исплатен новогодишен додаток. Воедно, додава тој, цело време има ветување од страна на менаџментот дека тоа ќе се среди на рати, но веќе шест месец тоа не е исполнето.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои се причините за неисплаќање на платата и што им е кажано од страна на менаџментот Кашиковски рече дека им биле дадени различни образложенија, но знаат дека од страна на Град Скопје редовно се дават субвенции, а вработените редовно ги извршуваат своите обврски. Значи, појасни тој, налозите кои пристигнуваат за подигање расади, садници од страна на „Паркови и зеленило“ се исполнети од вработените, меѓутоа фактурите по тие налози не се исплатени.
– Причината не ја знаеме, таа треба да се побара кај менаџметот и во Град Скопје. На наше инсистирање во последните шест месеци во повеќе наврати писмено и телефонски се обидовме да оствариме контакт со менаџментот и имавме само една средба, додаде Кашиковски.