Вработена во хотел си ја побарала последната плата пред да даде отказ – сопственикот ја нападнал


Бројни здруженија од Мостар, Коњиќ, Јабланица и Сараево за денеска во 18 часот најавија масовни протести во Јабланица. Протестите се одржуваат во знак на поддршка за Ениса Клепо, вработена во хотелот „Јабланица“ која беше физички нападната од сопственикот на хотелот Амир Џафиќ, но и во знак на поддршка за сите жени кои се жртви на насилство, пишува Кликс.

Да потсетиме, Ениса Клепо си ја побарала последната плата бидејќи планирала да даде отказ од работа, но наместо да ѝ биде исплатена, за жал доживеала брутален напад. Конфликтот со сопственикот и неговата сопруга претходно бил од вербален карактер, а кулминирал со повредите на главата кои ги здобила Ениса.

Она што дополнително ја разбранува јавноста е одлуката на Обвинителството на ХНК дека по 48-часовното полициско задржување на Амир Џафиќ, тој ќе биде ослободен, со образложение дека „нема правни причини за предлагање притвор“.

Градоначалникот на општина Јабланица, Дамир Шабановиќ, најостро го осуди овој инцидент и истакна дека секоја соработка со хотелот „Јабланица“ и неговиот сопственик ќе биде темелно разгледана во наредниот период. Критикувајќи ги постапките на сопственикот, Шабановиќ нагласи дека покрај тоа што не се грижи за правата на работниците, Амир Џафиќ покажува и тенденции на физичко насилство кон нив.

Здруженијата и граѓаните велат дека овој и слични случаи сакаат да го посочат со мирни протести и дека нема да се откажат додека насилството врз работниците и жените не биде казнето како што заслужува.