Возот од Битола наместо до Лерин засега ќе оди само до зоната во Жабени
Грчката страна уште ја нема завршено својата обврска. Но со возот кој ќе оди до фабриката „Кромберг и Шуберт“ каде што работат близу 6.000 луѓе од целиот регион, превозот ќе биде и подобар и поевтин и поеколошки

БИТОЛА – Пропаднаа најавите дека конечно возот од Битола по новата пруга ќе оди до Лерин во Грција. Наместо тоа сега од „Македонски железници инфраструктура“ велат дека возот по новата пруга ќе оди само до новата железничка станица во ИЗ „Жабени“ каде е лоцирана германската фабрика „Кромберг и Шуберт“, која вработува близу 6.000 работници од регионот .
Од Битола до Жабени по новата пруга ќе оди патнички воз. Но, оптимизмот кај битолчани дека за скоро ќе пијат кафе и ќе јадат гиро во Лерин патувајќи со воз по новата пруга се далеку од реалноста.
Најавите од „Железници – инфраструктура“ дадени во октомври за „Независен“ дека патнички воз ќе ја сефтоса пругата Битола – Лерин во ноември не се исполнија.
Од „Железници – инфраструктура денеска уште еднаш потврдија дека новата пруга од Битола до Кременица (граничен премин со Грција) е целосно подготвена. „Железници – транспорт“ за околу една недела ќе ја стават локомотивата во функција, но засега нема сигнали од грчка страна дека имаат намера да воспостават релација од граница до Лерин.
Ова значи дека спогодбата за возот да сообраќа преку граница не е потпишана. Меѓутоа, од „Железници – инфраструктура“ велат дека и да не се потпише спогодбата, овој месец ќе пуштат воз од Битола до новата станица во Жабени, одлука што била во нашето јавно претпријатие овие денови.

„Пругата е целосно подготвена за сообраќај и има употребна дозвола. Што се однесува за сообраќање на воз до Лерин, не зависи само од нас туку и од грчките железници. За реализација на тоа потребно е да се потпише меѓудржавна спогодба за регулирање и организирање на железничкиот сообраќај. Вчера е утврдено возот да сообраќа до новата железничка станица во Жабени“, изјави во четвртокот за „Независен“, Илија Ставрески, од кабинетот на директор на „Инфраструктура“, Хари Локвенец.
Од ИЗ „Жабени“ велат дека ако навистина се пушти воз да сообраќа до Жабени тоа ќе значи и побрз и поевтин и поеколошки транспорт за вработените во зоната, кои не доаѓаат само од Битола, туку и од Прилеп. Железничката станица е поставена речиси среде зона и е најсовремено уредена, велат од таму.
„Не сме чуле за оваа најава на ‘Железници – инфраструктура’, но ако е така тогаш ќе се остварат првичните планови за зоната, вработените да доаѓаат со воз на работа. Сега над 5.500 работници се превезуваат со автобус од Битола и другите делови на Пелагонија и тоа по пат од Битола до грчка граница кој не е обновен со децении и е во лоша состојба. Значи, по 35 до 40 автобуси возат на тој пат за во една смена да ги пренесат луѓето на работа или дома. Се работи во три смени во фабриката. Ние како јавно претпријатие немаме некоја особена придобивка, иако е вложено во инфраструктура околу станицата. Сепак сметаме дека сообраќањето на воз во целост ќе ја направи поатрактивна ИЗ ‘Жабени’ во Битола“, вели директорот на ИЗ „Жабени“, Владо Талевски.
Според него, меѓу клучните прашања што ги поставуваат потенцијалните инвеститори за зоната е токму и ова, дали сообраќа воз од зоната кон Битола. Талевски не открива имиња, но вели дека по Нова година двајца нови инвеститори ќе влезат во зоната „Жабени“.
Инаку, за пругата Битола-Лерин од „Железници – инфраструктура“ се исполнети условите, дадена е употребна дозвола, возниот ред е направен и се очекуваше по 36 години повторно да сообраќа воз меѓу Битола и Лерин. „Железници – инфраструктура“ во септември ја доби и употребната дозвола за пругата издадена од Министерството за транспорт и врски. Од Министерството за транспорт за „Независен“ претходно потврдија дека пругата Битола – Кременица е изградена според сите технички спецификации на Европската унија, а министерството по извршениот технички увид даде употребна дозвола за користење на пругата.
Пругата е проект за кој се издвоија пари од државниот буџет и средства од европските фондови. Зафатот вреден 17,2 милиони евра е финансиран со грант од Европската унија (6 милиони евра) и со средства од државниот буџет (11 милиони евра).