Возила со камери ќе возат низ град да ги мапираат сите погрешно паркирани


Фото: Б. Грданоски

Во проектот „Безбеден град“ (Safe city) се предвидува, покрај фиксните камери на крстосниците да се воведат и возила со камери, кои ќе мапираат каде сѐ има паркирани или оставени возила, на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повтори дека системот треба да профункционира од 1.1.2026 година, со тоа што и во месеците претходно, до возачите ќе стигнуваат пораки дека направиле некој прекршок. 

Но, бидејќи системот има за цел да превенира жртви во сообраќајот, Тошковски најави дека тој систем треба да придонесе и за идните планови за проширување на крстосници, изградба на кружни токови и други посоодветни сообраќајни решенија, во насока на побезбедни улици. 

Секако, овие решенија не се насочени само кон заштита на пешаците, туку и на велосипедистите, за што треба да се изградат повеќе велосипедски патеки, особено во општини каде воопшто ги нема како Чаир, но и да се продолжи со изградба на нови велосипедски патеки во останатите општини низ Скопје. 

Тука, Тошковски најави дека затоа што дел од улиците немаат велосипедски патеки, а возила се паркирани на една од сообраќајните ленти, па велосипедистите буквално нема каде да поминат, ќе има возила опремени со камери, кои ќе ги забележуваат тие возила кои го опструираат сообраќајот. И ним ќе им стигне порака за прекршок, со цел да се подигне свеста за одговорно учество во сообраќајот. 

Прашан за регулација или забрана на електричните тротиенти, Тошковски рече дека и за тоа се разговара и дека се надева оти ќе излезат со практично решение.

Денесак се одржува јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“, со поддршка на УНДП.

Претставниците на Министерството за правда, на јавната дебата посочија дека формирана е  меѓуресорска работна група предводена од Министерството за правда која имаше обврска да ги подготви  измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоци и измени на Кривичниот законик со цел да се обезбеди имплементација на проектот ,,Безбеден град”.

– Со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот, започнaвме со  нови измени во Законот за прекршоците. Предвидена е  посебна постапка  за прекршоците од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која се однесува на прекршоците утврдени со помош на електронски системи за детектирање, како што е системот „безбеден град“. Воведуваме скратени постапки со кратки рокови за судење и засилени казни за рецидивистите, вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок.  Прекршочните налози ќе се доставуваат брзо и ефективно преку СМС и е-пошта.  Сторителите ќе имаат право на судска заштита ако не ја прифаќаат одговорноста. Овие промени ќе ја подобрат брзината и ефикасноста на постапките – додаваат.

– Како дел од нашите стратешки приоритети, во соработка со Министерството за внатрешни работи во декември 2024 година го отворивме процесот на интероперабилност кој долго време беше  задржан само на хартија. Со директно учество  започнавме пат на поврзување на судовите и ЈО со МВР, нешто што беше неопходно, но не беше функционално. Ние како министерство овозможивме поврзување помеѓу МВР, судовите и ЈО со цел да се потпишат директни меморандуми за соработка и договори за размена на податоци во електронска форма, преку Националната платформа за интероперабилност, која ќе овозможи пристап до бази на податоци на институциите, што ќе се користат во судските постапки. Ова значи дека сите релевантни институции  имаат пристап до најактуелните и точни информации. Брзо и ефикасно. Без губење време. Без можности за манипулации. Без можност за корупција – сметаат до Министерството за правда.