Воздухот во октомври бил загаден речиси исто колку лани, засега планот за чист воздух нема ефект


Фото: Б. Грданоски

Новата мерна станица во Гевгелија, како и тие во Битола, Тетово и Куманово се единствените, од вкупно 19 мерни места кои ги мерат сите шест полутанти и даваат целосна слика за состојбата со загадувањето на воздухот во овие градови. Иако сезоната на аерозагадувањето зема залет, граѓаните сè уште секаде немаат точни и навремени податоци за загадувањето. Најризичните, честичките ПМ 2,5 се мерат на само седум локации, додека ПМ 10 на 14 мерни станици. Загадениот воздух почна да ни станува секојдневие уште во септември, а деновиве само последните сончеви моменти од есента се спас од повисоки бројки на опасните честички, пишува Мета.

Донесувањето на амбициозниот План за чист воздух и низа мерки кои требаше да се реализираат минатата и оваа година беа причина граѓаните да очекуват подобрување на ова поле, но, сепак, според бројките кои ги читаме на веб страната на Министерството за животна средина, состојбата со аерозагадувањето не е значајно променета. Во минатиот месец, на пример, спореден со октомври од минатата и од 2018 година, висината на загадувањето на воздухот и бројот на загадени денови било во рамките на просекот од претходните години.

Но, состојбата годинава е дополнително сложена и заради пандемијата од ковид-19, па апелите на граѓаните за преземање итни мерки за намалување на токсичноста на воздухот разбирливо, се особено силни. И минималното аерозагадување е голема закана за здравјето на луѓето во овој период, особено заради зголемените бројки во есенскиот бран на заболени. Маските се задолжителни за заштита на здравјето, овојпат заради две причини, и пандемијата и аерозагадувањето.

Состојбата со загадениот воздух, според Горјан Јовановски, творец на мобилната апликација „Мој воздух“ (AirCare) и еко активист, и годинава останува алармантна, а е последица на фактот што многу малку од мерките за намалување на аерозагадувањето кои ги предвидуваше Планот за воздух се започнаа, а уште помалку се реализираа.

„Ниту имаме комплетна замена на сензорите, ниту пак имаме модел за моделирање на аерозагадувањето. Неколку депонии се исчистија иако за дел прво требаше да се запалат за тоа да се случи, а дел од точките како субвенции за инвертери и гасовод се почнати. Но, според мене, Планот беше премногу општ, без крајни рокови, без посочување на одговорни и контакт лица, како и без платформа која ќе се користи за да се следи прогресот на планот. Јас предложив изработка на таква платформа, што првично беше прифатено, но потоа парите беа пренаменети за нешто друго. Планот, според мене, во голема мерка беше донесен повеќе за да се смири лутината на граѓаните поради слабите напори во намалување на аерозагадувањето, отколку за вистински за да се реализира. Се надевам дека грешам и дека делата во иднина ќе ме демантираат“, вели Јовановски.

Бавната реализација на мерките веќе се чувствува во воздухот. Минатиот месец највисока вредност на ПМ 10 во Скопје во еден ден била регистрирана на мерната станица Лисиче – 110 микрограми на кубен метар што е повеќе од двојно од максимално дозволените. Во Карпош и Гази Баба во еден ден се регистрирани максимални 80, а Центар 66 микрограми. Во Тетово загадувањето, исто така, најмногу во еден ден од октомври достигнало до 110, а во Гостивар до 80 микрограми.

Во октомври минатата година, пак, според податоците од Министерството за животна средина, најзагадени биле Тетово со измерени максимални дневни отчитувањеа од над 160 микрограми ПМ 10 честички и над 113 микрограми ПМ 2,5 и Куманово со 120 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 110 ПМ 2,5.

Надминувањата на максималните дозволени вредности на ПМ 10 честичките во Скопје биле од 15 до 20 денови во месец октомври, на сите четири локации каде што се мери овој полутант. Само за мерната станица во Лисиче нема комплетни податоци, додека пак станиците во Центар, Карпош, Гази Баба и Ректорат покажуваат дека жителите на главниот град повеќето од деновите во октомври дишеле отрови.

Највисоката вредност од 124 микрограми на кубен метар во еден ден се регистрирани во Центар, но не заостануваат ниту Ректорат со 123, Карпош со 120 и Гази Баба со 113. Мерната станица Миладиновци покажува дека 16 дена било загадено, но бројките се повисоки од 150 микрограми. ПМ 2,5 честичките во Карпош и во Центар, биле и над три пати повисоки од максимално дозволените вредности, до 80 микрограми на кубен метар.

Во октомри 2018 година, пак, во Скопје ПМ 10 честички мереле само мерните станици Центар, Карпош и Ректорат, додека за Гази Баба и Лисиче нема податоци. Пред две години загадувањето на воздухот над максималните вредности било регистрирано од 14 во Центар до 23 денови кај Ректорат. Таму се измерени максимални -113 микрограми на кубен метар во октомври, а оваа локација е рекордер и по бројот на загадени денови во целата година, дури 167. ПМ 2,5 во 2018 година мерела само станицата во Центар, а највисоката вредност е 40 микрограми. Куманово точно половина месец живеело со зголемени вредности на ПМ 10, додека во Кавадарци воздухот бил загаден дури 20 денови од месецот, со вредности најмногу до 84 микрограми. Кочани имал само четири загадени денови во октомври 2018, а Лазарополе е единствената мерна станица која во овој период не покажала надминувања на ПМ 10. Во Велес тогаш не се мерело ниту ПМ 10, ниту, пак, ПМ 2,5.

Проблемот со расипаните мерни станици и замена на деловите кои не работат требаше да биде еден од приоритетите во Планот за чист воздух. Сепак јасно е дека и годинава, на стартот на грејната сезона, а со тоа и на сезоната на аерозагадување, голем дел од мерните места не ја кажуваат целосната и реална слика со состојбата со воздухот. Министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека во тек се тендерските постапки во кои ќе се обезбедат сите потребни делови за да работат мерните станици. Лани беа набавени шест инструменти за мерење на PM10 за станиците во Гази Баба, Лисиче, Велес 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар, а годинава и за Битола 1. До крајот на годинава, пак, ќе се купат уште два за мерење ПМ 2,5, додека, пак, за замена на 11 застарени мерни инструменти со нови ќе почекаме до 2022 година.

„За подобар пристап на граѓаните до податоците ќе изработиме и нов и лесен и транспарентен софтвер. Во нашиот систем веќе може да се види тридневна временска прогноза за поволни услови за загадување, а тој ќе биде поврзан и со постоечкиот систем за рана најава на УХМР“, рече Нуредини.